Ти треба ли соковник од 400 долари?

Бескорисниот соковник од 120 милиони долари

Juicero е wi-fi соковник кој чини 400 долари (океј де, 399$), ама, како што се покажа, е речиси тотално бескорисен. Како што потсетува Bloomberg, на почетокот се продаваше за дури 700 долари.

Juicero функционира на принцип на продажба на готови пакети/кеси со исецкано овошје и зеленчук, кои се продаваат по цена од 5 и 8 долари. Кесите се ставаат во машината и за 2 минути, Juicero ги претвара во 225 грама сок. Фората е што ваквите полу-готови пакети се продаваат стриктно на сопственици на уредот. Фората е и што Bloomberg направи мал експеримент и покажа дека соковников не е ништо поефикасен од две обични човечки (притоа – женски) раце. Од истата таа кеса, овие две женски раце исцедија 215 грама сок, за минута и пол.

Неефикасноста на Juicero не е најголемиот апсурд околу изумов. Најсмешното е што Juicero е најдарежливо фундиран гаџет на Силиконската долина во 2016 година – со инвестиција од 120 милиони долари.

Даг Еванс, основачот на компанијата, се има самопрогласено за Стив Џобс во полето на цедење сокови. Се фалеше и дека неговиот соковник нанесува сила од 4 тона – „доволно да подигне две Tesla-и“.

Некои од инвеститорите сфатија дека старите добри раце се подеднакво ефикасни во стискање на кесите уште многу пред Bloomberg да го направи тестов. Не само тоа, туку соковникот, според нив, излезе и многу погломазен од ветеното.

Додека компанијата молчеше околу откритието на Bloomberg, едно лице блиско до компанијата призна дека во Juicero се свесни дека пакетите можат да се исцедат рачно, но дека повеќето луѓе преферираат да го прават тоа со машината, бидејќи така е поуредно. Машината, додуша, го чита и QR кодот на опачината на кесите со овошје/зеленчук и го проверува изворот и рокот на траење со податоците во онлајн датабазата на Juicero.

Така, соковникот си најде купувачи меѓу некои од хотелите и рестораните од висока класа. Работниците велат дека им се допаѓа, бидејќи по употреба пакетите се фрлаат во ѓубре, а со минимална потреба од чистење. Сепак, велат дека не знаеле дека пакетите можат да ги исцедат и рачно. Од друга страна, Juicero им наплаќа многу поскапо на бизнисите. Кипи Вилијамс – сопственичка на органски слаткари во Лос Анџелес и Токио, вели дека го купила Juicero за 1.200 долари.

Сé на сé, 400 долари за машина што ќе ја провери кесата со овошје во онлајн датабаза е далеку од добра зделка. Создавањето и инвестирањето на 120 милиони долари во таков проект е уште подалеку од добра инвестиција, се чини. Тогаш, зошто воопшто се случува?

Брајан Френк – сопственик на FTW Ventures, објаснува дека „инвеститорите се многу заинтересирани за бизниси кои комбинираат еднократна продажба на хардвер, која води кон редовни продажби на пакети за конзумирање“. Френк, лично, не поседува акции во Juicero.

Курт Џета – сопственик на компанијата за анализа на потрошувачката – Tabs Analytics, веројатно го има најпрецизното објаснување. „Многу е тешко да се издвоите на пазарот на храна и пијалоци. Претприемачите можат да се најдат во искушение да воведат технолошки аспект дури и кога го нема“, вели Џета, алудирајќи на технолошката излишност на машина за стискање кеси кои можат да бидат истискани рачно.

На крајот, притиснати од медиумското внимание и бројните критики, од Juicero Inc. им понудија враќање на парите на сите незадоволни купувачи што ќе го вратат соковникот. Веројатно се надеваат дека купувачите нема да сакаат да се откажат од можноста да ги купуваат полу-готовите кеси, чија продажба останува ограничена исклучиво на сопствениците на Juicero.

Во меѓувреме, многумина го препознаа потенцијалот во однапред подготвените пакети за сокови. Кипи Вилијамс, која е самопрогласен поборник за здрава храна, вели дека сака да ја види компанијата да продава пакети и на луѓето кои не можат да си го дозволат соковникот. „Ќе биде супер ако им овозможат на луѓето да ги купуваат кесите и да ги стискаат рачно. Сакам сок за секој маж, жена и дете“, а не само за тие што имаат вишок 400 долари, порачува Вилијамс меѓу редови.

 

- Реклама -