По 20 победи по ред, Спарси поразени од Оклахома

Кошаркарите на Оклахома сити тандер се вратија во игра во финалната серија од Западната конференција откако успеаја да слават со убедливи 102-82 над Сан Антонио спарс и да ја намалат предноста на противникот на 2-1 во победи.

Она што е уште позначајно, Кевин Дурент и неговите соиграчи го урнаа митот за непобедливост на спарси во финишот од оваа сезона, ако се знае дека во пресрет на синоќешниот натпревар Сан Антонио се наоѓаше во серија од 20 победи по ред, вклучувајќи ги тука и првите десет меча од плејофот во кои што овој тим имаше стопроцентен ефект.

„Ги загубивме претходните два меча, но знаевме дека не сме послаб тим од нив. Едноставно излеговме на терен и покажавме дека можеме да ги совладаме. Добро е што сега резултатот е 1-2, а не 0-3, бидејќи тоа ќе значеше и огромен психолошки товар врз нас“ – изјави Кевин Дурент, кој што го заврши мечот со 22 поени.

{youtube}mosNyEH78wo{/youtube}

Улогата на херој на „грмотевиците“ ја имаше Табо Сефолоша, кој реализираше 19 поени, но имаше и шест украдени топки со кои што целосно го исфрли од ритам вообичаено одличниот напад на Сан Антонио. Харден постигна 15 поени за Оклахома сити, додека зад Расел Вестбрук останаа запишани 10 поени и девет асистенции. Во таборот на Сан Антонио најпрецизни беа Тони Паркер и Стивен Џексон со по 16 поени.

Објавено во соработка со Екипа.

- Реклама -