Тетовираните

За некои од нас, кожата е само најголемиот орган на човековото тело. За други, пак, е платно што може да биде трансформирано и обликувано со мастило.

„ Covered“ („Покриени“) е омаж на британскиот фотограф Alan Powdrill кон луѓето што ја земаат таа идеја и ја носат до сé попопуларниот екстрем – боди тетоважи (преку целото тело), кои потоа најчесто мораат да ги кријат со облеката.

Во фото-серијата, секој субјект е презентиран во две слики – на едната се облечени, а на другата целосно голи. Со тоа, Алан често создава контрадикторен, ама не и неконзистен портрет на тетовираниот и неговата приказна.

Иако самиот Powdrill нема тетоважа, боди-артот отсекогаш го привлекувал како нешто неодоливо и непознато, бунтовно и предизвикувачко. Минативе години, вели тој, тетоважите се преселија од доменот на аутсајдер или одметник, во „доменот“ на тоа да ги има на телото на секој петти Британец. Во Британија работат околу 2.000 тату студија.

Тоа што најмногу го воодушевило фотографот при работата со „Тетовираните“ биле финансиските и физичките жртви кои секој од нив морал да ги направи за да го добие тетовираното тело од соништата. Зборуваме за сериозна болка и небројани пари фрлени на креација на делата, а сепак, со крајно чувство дека сé тоа вредело.

Еден од субјектите, ~30-годишната Викторија, во моментот на фотографирањето ја правела својата трета боди тетоважа. Претходните две ги отстранила со ласер – процес уште поболен од самото тетовирање. Што значи, третата тетоважа ја правела буквално врз лузните од претходните.

Powdrill признава дека современата фотографија е на многу начини блиска до трендот на тетовирање, но тој се надева дека со неговата фото-серија ќе „пресече“ преку површниот гламур и ќе допре до нешто посуштинско околу тоа што значи да си тетовиран. Притоа се поставува вечното прашање: кое е поранливо и повистинско тело – голото, или тетовираното?

Сите овие тетоважи значат нешто. Не се само украс, туку израз на „себство“ и независност. Во некои случаи тетоважата е чин на пркос, а во други – споменар од важни настани, места и луѓе. Заедно, ја раскажуваат приказната на животот на тој што ги носи.

- Реклама -