Летото 1899 година, додека седел сам во својата лабораторија во Колорадо Спрингс, Никола Тесла забележал необични ритмични сигнали. Тогаш ги опишал речиси како бројки.
Откако прв пат забелележал радио сигнали од вселената, Тесла бил уверен дека тоа се обиди за комуникација од Венера или Марс. Само година дена подоцна, американскиот Црвен Крст го прашал што очекува дека ќе биде најголемото достигнување на човештвото во текот на идниот век.
„Забележав електрични сигнали кои се чинеа необјасниви. Беа слаби и речиси незабележливи, но длабоко ме уверија дека нема да помине долго пред сите луѓе на светот да погледнат во небото. Ќе ги развесели радосната вест дека конечно сме добиле порака од друг свет“, им одговорил Тесла на Црвениот Крст.
Најлудите соништа на визионерот
Уште поинтересно е дека сличната идеја Тесла ја повторил и во 1901 година, во разговор за тогашниот весник Collier’s Weekly. Тогашниот уредник – Роберт Колиер, во воведот на статија за Тесла напиша дека Никола е брилијантен изумител и дека го унапредил човечкото сфаќање на електриката.
„Сега, на почетокот на новиот век, тој најави постигнување кое ќе ја магепса целата вселена и кое ги засенува и најлудите соништа на визионерските научници. Тој тврди дека забележал комуникација од големата вселенска празнина, повик од жителите на Марс или Венера или некоја друга сестринска планета“, продолжува Колиер.
Во самата статија, Тесла ја опишува проблематиката при комуникација на голема оддалеченост, и тоа безжична. Светлината како преносник на комуникација е исклучително непрактична, а и самиот Тесла бил свесен дека е потребна енергија далеку поголема отколку што му е достапна на човештвото. Од друга страна, радиската комуникација бара многу помалку енергија, и со самото тоа е далеку полесна да се оствари. И така, додека Тесла работел на инструменти со кои би можеле да пратиме моќни радиски сигнали до нашите планетарни соседи, истовремено работел и на уреди кои би ги бележеле сигналите кои се упатени до нас.
Вселенска комуникација
„Никогаш нема да го заборавам тоа прво чувство кога сфатив дека набљудувам нешто од немерлива важност за човештвото. Во мене постојано расте чувството дека сум јас првиот човек кој го слушнал поздравот од друга планета“, пишувал Тесла.
Во тоа време ексцентричниот изумител престојувал во Њујорк и во весниците често се жалел дека нема време за да се посвети на истражување на „вселенските комуникации“ затоа што го притискаат некои многу поземски грижи.
Зад кулисите веројатно станувало збор за ум преполн со мрачни мисли. Тесла ретко спиел – тврдел дека му се потребни само 2 часа сон дневно. Меѓу другото и длабоко мразел накит, па во една прилика напишал дека има насилна аверзија кон женските обетки и дека самиот поглед на бисерите речиси му задава напади. Не можел ни да допира туѓа коса, а напишал и дека гледањето во праски може да му причини треска. Најекстремниот пример се случаите кога бил потполно опседнат со еден бел гулаб, за кого бил уверен дека комуницира со него.
Ексцентричноста како маана
„Имаше моменти кога беше најпопуларниот човек во градот, а имаше и такви кога понекогаш изгледаше како само да сака да биде сам во мрачната хотелска соба“, пишува Бернард Карлсон – автор на книгата „Тесла: Изумител на електричното доба“.
Ексцентричноста била неговата најголема маана. Неговиот генијален ум осмислил начин за безжична комуникација и изградил модел на брод на далечинско управување. Сé тоа го направил пред почетокот на 20-от век и со децении пред безжичната комуникација да стане нормална појава. Во меѓувреме, сите тие практични изуми ги отфрлил за да се бави со кула за безжичен пренос на електрична енергија. Почетниот капитал го добил од банкарот J.P. Morgan, но наскоро парите се потрошиле, а Морган веќе не сакал да инвестира. Тој не гледал никаков начин на заработка од бесплатната електрична енергија.
„Морган беше навикнат да постави мерач на сите нешта и така да заработува“, изјави за Ozy Marc Seifer авторот на биографијата на Тесла.
Од друга страна, во ликот на Никола Тесла, се криел идеалист со лице на ексцентричен изумител кој не верувал во половични решенија. Затоа, пропаднатиот проект бил почеток на конечниот пад на научникот. Во 86-тата година од животот, Тесла умрел сам, во тешка сиромаштија и во речиси целосен заборав, во хотелот New Yorker. На најтешкиот можен начин открил дека не е доволно само да имаш идеја или изум.
„Мораш да пронајдеш начин да го ‘зголемиш’ изумот“, додава Карлсон. Во превод, мораш да го уновчиш. Инаку, нема да го промениш светот. Така било и околу 1900-тата, така е и денес, за жал.