Владата најави активно решавање на проблемот со отстранувањето на индустрискиот токсичен отпад линдан, кој со години е складиран во таканаречените мала и голема депонија во кругот на фабриката „ОХИС“ во Скопје. Според професорот по хемија Трајче Стафилов, не се работи само за токсичен отпад, туку за најжешката еколошка точка во Македонија и „темпирана бомба“ за еколошка катастрофа.
Според Стокхолмската конвенција од 2004 година, на која Република Македонија е еден од потписниците, а во која линданот беше додаден како токсичен материјал во 2009 година, Македонија е обврзана да го реши овој проблем. „Затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици по околината и граѓаните“, порача премиерот Зоран Заев.
Отстранувањето ќе трае од три до пет години, а методот – биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство – ќе се избере во зависност од тоа колку средства ќе собере Фондот формиран денеска во соработка со УНОПС (Канцеларијата за услуга на проекти на Обединетите нации) и норвешкото МНР, соопшти владиниот генерален секретар – Драги Рашковски. Според пресметките, отстранувањето на линданот ќе чини од 40+ до 260 милиони евра.
Во меѓувреме проблемот со линданот не е ограничен само во рамките на ОХИС. Дива депонија на линдан постои и во околината на Драчево, во месноста Пеленица, пренесува агенцијата „Мета“ врз основа на сведоштва од поранешни вработени во ОХИС кои работеле со материјалот, но и потврда од Министерството за животна средина.
Во тоа време не се знаело дека линданот е токсичен, па пред ОХИС да ги изгради двата бетонски базени за складирање на отпадот, тој се фрлал на оваа локација. Депонијата е необележана, неоградена и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје. Се проценува дека таму се фрлени околу 8.000 тони линдан.
Проблем е и што постојат помали количини нелегално складиран линдан во индивидуални штали на сточари кои го купиле уште одамна, а не знаат дека е токсичен и канцероген.
„Порано си биле научени да си го користат линданот како средство против вошки и болви. Си го купиле одамна, не ни знаат дека е толку опасно и сé уште го користат“, вели Сузана Андонова од канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants, т.е. неразградливи органски загадувачи при Министерството за животна средина).
Повеќе прочитајте на МЕТА.мк.