Македонските ракометари со нетрпение го очекуваат денешниот натпревар против Исланд (18 часот), на кој што ќе настојуваат да покажат дека се подготвени за високи дострели на овој светски шампионат. Победа на овој меч ќе значи и практично осигурување на третото место и избегнување на Франција како ривал во осминафиналето, со можност на следните две средби против Русија и против Данска да се стигне до уште подобар пласман во групата. Сепак, мислите на нашите репрезентативци во моментов се насочени единствено кон Исланд.
„Добро го знаеме овој противник бидејќи имаме играно неколку пати против него во последните неколку години. Нормално дека ќе биде тешко, но верувам дека го имаме она што е потребно за да се совладаат Исланѓаните и да се продолжи со серијата добри резултати на овој шампионат. Она што според мене ќе биде клучно е нашето враќање во одбрана. Не смееме да дозволуваме противниците да постигнуваат голови од брз центар, или пак од контри и полуконтри како што тоа беше случај на претходните средби. Токму тоа е главното оружје на Исланд и доколку ги запреме тие нивни налети, ќе завршиме голем дел од работата на патот кон победата“ – изјавува Влатко Темелков.
Искусниот крилен ракометар првиот натпревар беше надвор од тимот, но сепак беше вратен во репрезентацијата за мечот против Катар.
„Морам да признам дека иако сум искусен, сепак чувствувам мала нервоза и трема во текот на мечот против Катар, откако дуелот со Чиле го следев од трибините. Тој меч ни беше многу важен, среќен сум што победивме и верувам дека сега многу полесно ќе играме на следните три натпревари. Знам дека јас можам да играм многу подобро отколку против Катарците, но исто така сум убеден дека и целата репрезентација ќе ја крене играта на едно многу повисоко ниво. Способни сме за такво нешто, искрено веруваме во триумф над Исланд и дополнително кревање на победничкиот дух“ – порачува Темелков.