Телото на македонската актерка Адеа Шабани, која исчезна пред повеќе од еден месец во Лос Анџелес каде што студирала глума, е најдено во Невада, на околу 80 километри од Сакраменто, во областа Драј Крик (Dry Creek), во природниот резерват Спенсвил. Телото било најдено во плиток (импровизиран) гроб на крајот на еден земјен пат.
Телото е најдено минатиот четврток, откако минатиот викенд Крис Споц, 33-годишен актер со кого Адеа била во романтична врска, бегајќи од полицијата, се самоубил, пукајќи си во главата. Крис бегал со украдено возило.
Претходно истрагата не дала никакви резултати, но по самоубиството на Крис, набрзо беше откриено дека тој е еден од главните осомничени во истрагата за исчезнатата Адеа, а истрагата ги навела официјалните лица од Невада кон вистинската локација на закопаното тело.
Видео од ископувањето на телото:
Меѓутоа, и покрај тоа што телото било најдено минатиот четврток, официјално е идентификувано дури денес. Со сигурност се работи за 25-годишната Адеа Шабани, потврдуваат властите.
Адеа исчезна на 23 февруари од пред својот дом во Лос Анџелес. Се преселила во Америка пред две години. Студирала глума во академијата „Стела Адлер“ и се обидувала да направи кариера во Холивуд. Ја добила првата улога во „All or Nothing (2017)“.
Во меѓувреме медиумите пишуваа дека полицијата има сведок кој видел како македонската актерка била насилно турната во багажникот на автомобилот на Крис.
Вечерва, во 19:30 часот по американско време во академијата ќе се одржи бдеење во нејзина чест.