Најинтересна биографија има Нафиз Ќазимовски, кој е хемичар по струка, а својата пријава за кандидатура во Советот ја напишал рачно, каде што навел дека има долгогодишно искуство
Советот за граѓански надзор е тело што треба да контролира дали институциите што смеат и можат да ги следат комуникациите, тоа го прават легално, следејќи ја законската процедура.
Во него, како што објави ТВ Телма, за членови се предложежни најмалку петмина партиски активисти и членови, сите од партии на актуелната власт. Нивните биографии не ја откриваат партиската инволвираност, но не ни сокриваат дека станува збор за луѓе кои имаат скромно искуство во областа.
За претседател на Советот е предложен Илче Димовски, а за членови: Стојанче Рибарев, Катерина Крстевска-Савовска, Благоја Стојановски, Мирче Стојков, Никола Затуроски и Нафиз Ќазимоски.
„Верувам дека со моето искуство, знаење и желба за придонес во подобрување на медиумскиот сектор ќе бидам активен член и од полза на Советот за граѓанска контрола“,
пишува во биографијата на Илче Димовски.
Него, владејачката коалиција набрзина го помина на Комисијата за избори и именувања во Собранието и го предложи за претседател на Советот за граѓански надзор.
Според ТВ Телма, кандидадот го погрешил името на институцијата за која конкурирал, како и тоа дека Советот нема ингеренции во медиумскиот сектор.
Димовски до пред неколку години држеше и партиски пресови во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
Според биографијата на Димовски, има завршено два факултета, еден за јавна администрација во Битола и правен факултет во Кичево. И двата со ист просек – 6,62. Избран е како претставник од невладиниот сектор, за што приложил и препораки.
Во Советот се избрани и Никола Затуроски од струшко Враништа, поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по професија наставник по математика.
Актуелниот советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани, Мирче Стојков, е наставник по историја.
Четвртиот партиски активист во Советот за граѓански надзор е Благоја Стојановски, машински инженер, предложен како експерт за надзор врз прислушувањето и за заштита на човековите права.
Од 2011 до 2016 бил пратеник од СДСМ, а потоа заминува во ЗНАМ, чиј кандидат за пратеник е на последните избори. Според неговата биографија, учествувал во изработка на софтвер за процена на сотојбата на корозија на цевководи.
Како што пишува ТВ Телма, најинтересна биографија има Нафиз Ќазимовски, кој е хемичар по струка, а својата пријава за кандидатура во Советот ја напишал рачно, каде што навел дека има долгогодишно искуство.
За член на Советот е предложен и разрешениот врховен судија Стојанче Рибарев, кого Судскиот совет го разреши пред три години поради сомнежи дека како в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд местел и делел предмети рачно, наместо преку компјутерскиот систем.
Овој детал, според Телма, го нема во биографијата што Рибарев ја доставил до Собранието.
Катерина Крстевска-Савовска е единствениот предложен член од академската заедница. Таа од 2005 година е вработена на Факултетот за безбедност, а има работно искуство во Интерпол-одделот на Министерството за внатрешни работи.
Според Законот за следење на комуникациите, Советот треба да има претседател и чест независни членови, од кои тројца експерти од областа и тројца од невладиниот сектор, што покрива теми поврзани со човекови права и безбедност.