Технички или политички причини – Унгарија ја откажа средбата на Сијарто со германската колешка Бербок

Германското МНР соопшти дека тие се изненадени од откажувањето на средбата бидејќи сметаат дека е потребна сериозна и искрена дискусија по вчерашната средба на Орбан и Путин

Иако беше закажана за в понеделник, Унгарија ја откажа средбата на министерот за надворешни работи Петар Сијарто со германската шефица на дипломатијата, Аналена Бербок. Унгарското Министерство за надворешни работи соопшти дека се работи за технички, а не политички причини.

„Поради непредвидена промена во календарот на министерот, Министерството за надворешни работи побара посетата да се одржи подоцна, се надеваме во блиска иднина“,

стои во соопштението на унгарското МНР, посочувајќи дека причината било техничка, а не политичка.

Министерството за надворешни работи на Германија пак, соопшти дека тие се изненадени од откажувањето на средбата бидејќи била потребна „сериозна и искрена“ дискусија по вчерашната средба на унгарскиот премиер Виктор Орбан со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Средбата во Москва беше прва средба на еден лидер од ЕУ со Путин во Москва од април 2022 година.

Тој состанок налути повеќе лидери од Европската Унија, кои предупредија на попуштање кон Москва, и беа децидни дека Орбан не зборува во името ЕУ, туку во свое.

Орбан од друга страна реагираше дека европската бирократија не придонела за мир во Украина.

- Реклама -