Парламентот на Иран го одобри историскиот договор за нуклеарни капацитети, со тоа што го отвори патот кон конкретна примена.
Проектот за ратификација на договорот беше усвоен со 161 гласа “за”, 59 “против” и 13 воздржани, објави официјалната новинска агенција IRNA.
Нуклеарниот договор меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД, плус Германија, беше потпишан на 14 јули по речиси 2 години дипломатски преговори.
Вашингтон и Техеран сепак побараа текстовите да поминат на одобрување и во националните парламенти.
Според договорот, санкциите против Иран постепено ќе бидат укинати во замена за тоа што Техеран ќе ги ограничи своите нуклеарни активности.
Иран сепак треба да даде докази пред Меѓународната агенција за нуклеарна енергија до 15 декември, дека нуклеарната програма на земјата се користи исклучиво за мирољубиви цели.