Го обвинуваат Фејсбук дека ги прислушкува разговорите на корисниците, за да им сервира „подобри“ реклами. Го обвинуваат и дека ве прислушкува и вон разговорите, додека телефонот ви стои на маса, а во позадина си работи апликацијата (било самиот Facebook или Facebook Messenger), и чека да чуе клучни зборови. Фејсбук го негира и едното и другото. Ама следниов пример дефинитивно е добар повод за сомнеж.
Типов разговарал со девојка му и пријателите на темата, па решиле да тестираат. Се договараат еден ден цело време да зборат за храна за мачки. Претходно 20 години никој од нив немал мачка. Никогаш не пребарувале храна за мачки. Никогаш не зборувале за храна за мачки. И оп, на ничие изненадување, по некој ден на Фејсбук почнуваат да им излегуваат реклами за храна за мачки.
Е сега, многумина го обвинија креаторот на видеово дека го направил за да фати лајкови, зашто сега е актуелна темата. Ама видеово е од пред една година, а популарноста сега ја добива затоа што некој го ставил на Reddit. Со други зборови, правено е со искрена намера.
„Ова не е нешто што го објавив за да добијам внимание. Навистина не давам пет пари дали некој ќе го види. Го направив само за пријателите. Значи не снимав многу детално и не направив супернаучно видео за редит, ама е искрено, и имаше реклами за мачки неколку дена. Не беше коинциденција бидејќи го направивме истово неколку пати и со други клучни зборови за кои никогаш не зборуваме претходно. Дури е и смешно колку специфичен можеш да бидеш за да добиеш резултат.
Пробајте и сами ако не верувате. Дајте му фора од неколку дена. Само бидете сигурни дека сте во близина на телефонот кога ќе зборувате за вашата тема во клични зборови, и погрижете се да не е нешто што некогаш сте го пребарувале или сте зборувале… Повторувам, ова е од пред една година, па нештата може да се сменети“, пишува креаторот во описот.
Ние, во меѓувреме, можеме само да потврдиме дека сме прилично сигурни дека Фејсбук ни го следи (на ваков или онаков начин) муабетот во чет. Еден пример: Кога другарка ни прати слики од едни невообичаени менѓуши од пуста радост дека си си ги купила, веќе следниот ден Фејсбук нé избомбардира со реклами за менѓуши, и тоа слични такви. Ова се случи по 3 декади тотален неинтерес за женски накит и 0 реклами за менѓуши во целата наша Фејсбук историја. Рака даваме дека и вие имате слични примери.