Те лазат морници кога слушаш одредена песна? Посебен си

Ви се случува да слушате добра песна и да ви се наежи кожата, да ве полазат морници, да ви застане грутка во грлото? Додека секој што го искусил ова очекува дека и секој друг ќе одговори со „да“, ова да ти било „ретка“ и уникатна појава, барем според Independent.

Метју Сачс (Matthew Sachs) – дипломиран на Харвард, лани спровел студија во која проучувал индивидуи кои чувствуваат морници кога слушаат музика, за да утврди како настанува ова чувство. Проучувал вкупно 20 испитаници, од кои 10 рекле дека доживеале слични сензации на горенаведените, додека кај останатите 10 музиката немала таков ефект. Значи се работи за 50%, што и не е така ретко како што тврди Independent, но се делумно во право кога велат дека феноменот е уникатен.

Сачс направил мозочни скенирања на секој од испитаниците, и утврдил дека тие што формираат емотивна и физичка (како морници) врска со музиката всушност имаат различни мозочни структури. Резултатите покажуваат дека имаат погуст волумен на нервни влакна кои го поврзуваат нивниот аудиторен кортекс со регионите кои процесираат емоции, што значи и подобра комуникација меѓу овие две области во мозокот.

Идејата е дека колку повеќе влакна влакна има меѓу два региона, толку поефикасна е комуникацијата и процесирањето меѓу нив, пишува Neuroscience.

Тоа значи дека ако добивате морници од музика, веројатно имате и посилни и поинтензивни емоции. Згора на тоа, овие сензации можат да бидат поврзани и со спомени „прикачени“ за конкретна песна – нешто што не може да се контролира во лабораториски услови.

Тест-примерокот на Сачс е премал за да се извлекуваат генерални заклучоци, но во моментов тој спроведува ново и подетално истражување во кое ја разгледува мозочната активност при слушање на песни при кои се регистрираат одредени реакции. Се надева дека со тоа ќе ја открие невролошката причина за овие реакции, и дека тоа можеби ќе отвори нови врати во третманот на психолошките нарушувања, како депресијата. Депресијата, конкретно, предизвикува неможност да се доживее задоволство од секојдневни нешта. Сачс се надева дека неговите истражувања ќе покажат дека музиката може да биде користена од психотерапевтите во насока на истражување на чувствата, во најмала рака.

 

- Реклама -