ТАВ Македонија за реакцијата на кабинетот на косовската претседателка: Телефонот ѝ беше побаран за да помине задолжителен безбедносен преглед

„Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот“, се вели во соопштението од операторот на скопскиот меѓународен аеродром

Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да ѝ го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи при вчерашниот преглед во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје. Ова е денешната реакција од ТАВ Македонија, операторот на скопскиот меѓународен аеродром по синоќешната изјава од кабинетот на косовската претседателка, во која се вели дека член на обезбедувувањето на аеродромот се обидел физички да ја турне и да и го земе телефонот.

Како што се вели во соопштението од ТАВ Македонија, телефонот на косовската претседателка Османи ѝ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген.

„Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот“,

велат од ТАВ Македонија.

Оттаму додаваат дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а за таквите изземања операторот на аеродромот добива официјално известување од Министерството за внатреешни работи (МВР).

„Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласнот со утврдените процедури“,

се наведува во соопштението од ТАВ Македонија.

Од кабинетот на Османи вчеравечер објавија дека обезбедувањето на скопскиот аеродром се обиде да ѝ го одземе личниот телеефон на претседателската, што како што посочија, е спротивно на меѓународните практики и на Виенската конвенција за дипломатски односи.

Од кабинетот на Вјоса Османи велат дека откако претседателката влегла во авионот, скопскиот аеродром не дозволувал комерцијалниот авион да полета кон Љубљана повеќе од еден час под изговор дека словенечката држава не го дозволувала тоа затоа што тамошниот аеродром не бил подготвен за слетување.

Но, од кабинетот на Османи стапиле во контакт со словенечката страна од каде им било кажано дека тоа не било точно и оти авионот ќе можел да слета во предвиденото време.

Од МВР соопштија дека вчера околу 10 часот на Меѓународниот аеродром „Скопје“, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер. Половина час по случајот, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кое е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнало да се заканува на вработените во ТАВ и да го бара „виновникот“.

- Реклама -