Таткото што им забранува на децата да пишуваат домашна

Бунтот против домашните задачи е сé поголем. Почна со истражувањата на психолозите, кои утврдија дека нема докажан позитивен ефект од пишувањето домашна вон училишните часови. Не само тоа, туку истражувањата покажуваат и дека домашните задачи можат да имаат низа негативни ефекти, што по самото дете, што по целото семејство. Познавајќи ги наставниците (сега малку генерализираме), знаеме колку им е тешко одеднаш да го сменат методот што го практикувале со години, па и децении. Затоа, родителите почнуваат да ги земаат работите во свои раце.

Иако не смета дека домашните задачи се некаков страшен „баук“, д-р Кулсон (колку кул име, а?) е на ставот дека „домашните задачи нималку не им се од корист на децата додека се во основно училиште“.

Во писмото кое на почетокот на секоја учебна година го праќа до управата на школото во кое учи неговата ќерка, тој детално го објаснува својот поглед на темата, како и причините за тоа зошто на своите деца не им дозволува да пишуваат домашни задачи.

„Кај нас дома не поддржуваме пишување домашни задачи. Една од првите причини е научно докажаниот факт дека кај децата помлади од 14 или 15 години нема никаков добробит од домашните задачи кои се изработуваат вон училишните часови. Многу студии докажаа и дека домашните задачи негативно влијаат на учењето“, почнува д-р Кулсон – експерт на полето на родителството и воедно татко на шест мали човечиња.

Притоа, тој смета дека домашните задачи во раната возраст ги изложуваат децата и на непотребен стрес.

„Домашните задачи значат повеќе работа за наставниците кои мораат да ги прегледуваат, ама на децата тоа им е уште потешко, дури и ако задачите се со мал обем“.

Но проблемот е и подлабок од тоа; резултатите од истражувањата покажуваат дека децата кои се преоптоварени веќе не му се радуваат на учењето. Со самото тоа имаат помали шанси да остварат големи достигнувања во животот. Кога на тоа ќе се додаде дека децата кои се преоптоварени со домашни задачи често се соочуваат со депресија и анксиозност, ставот на д-р Кулсон станува уште појасен.

Прочитајте и:  Крвава расправија на ученици во Тирана - еден починат, двајца повредени, еден приведен од полицијата

„Децата сосема добро се адаптираат на обврските ако домашните задачи се воведат на возраст од 14 или 15 години. За такво нешто дефинитивно не им е потребна повеќегодишна ‘пракса’ која би ја стекнале во пораните класови“.

Кулсон смета дека домашните задачи се сосема непотребни ако детето нема потешкотии во учењето и доколку предвидениот материјал го совладува без поголеми проблеми. „Ако забележите дека вашето дете има потешкотии во учењето, треба да се обратите до учителот и да побарате помош, но морате да го согледате конкретниот проблем и да го слушате својот внатрешен инстинкт“.

„Децата треба да бидат деца. Ќе има време за домашни задачи“, продолжува Кулсон. Што се однесува до „подготовката за обврските кои децата допрва ги чекаат во животот“, тој инсистира дека нема потреба за грижа и ја користи следната аналогија: Еден ден, можеби на 18 години, вашето дете ќе учи да вози автомобил. Дали тоа значи дека уште на 12 треба да го ставите зад волан за да се „подготви на време“? Се разбира дека не.

 На темата: Тортурата на домашната задача

Од друга страна, кул како Кулсон не можеш да бидеш само со бојкотирање на домашните задачи. Да, тој забранува такви неполезни активности по часовите, но затоа пак кај своите деца поттикнува една друга активност – читање. Според него, тоа е од клучна важност за развој на интелектуална способност, и тоа во мера која е неспоредлива со важноста на домашните задачи.

„Додека се сосема мали, читајте им. Читајте им кога сте со добра волја и одморени. Па и кога сте уморни и немате сила да мрднете, читајте им. Полека и посветено, со изразување, како да сте на театарска сцена. Правете паузи, прашувајте ги како го сфатиле тоа што сте им го прочитале. Објаснувајте им го значењето на зборовите кои им се непознати, на разбирлив за нив начин. Кога ќе научат да читаат сами, славете го тој момент – нека ви читаат тие вам. И секој момент поминат уживајќи во читање, нека ви биде ваш заеднички мал празник“, советува тој.

- Реклама -