Таткото на Вања бил импулсивен, но грижлив – стан не е мотив некој да си го жртвува сопственото дете, вели неговиот адвокат

Ѓорчевска во своето сведочење кажа дека наследство од своите родители го имала станот на улицата „Наум Наумовски Борче“, во кој живееле од септември 2023 година, еден стан во Аеродром, еден во Капиштец каде што живееле пред да се разведат и еден мал стан во Охрид. Во 2022 година за 83 000 илјади евра го продала станот во во Аеродром, а со парите ги затворила минусите на картичките, купила нов автомобил и апарати за домаќинство. Сумата од 30 000 евра што ѝ останала од продажбата ги орочила во банка

„Беше импулсивен, понекогаш знаеше да изреагира на начин поради кој децата му замеруваа, меѓутоа се грижеше за нив. Во најголем дел јас ги издржував децата, алиментација не барав, немаше потреба, секогаш купуваше ако нешто е потребно, ги носеше на одмор сè додека не остана без работа во март 20023 година. Јас со него немав многу комуникација, разговаравме само за децата. Јас не се мешав во неговите работи ниту, пак, тој во моите“, сведочеше денеска мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска, опишувајќи го во дел од својот исказ нејзиниот поранешен сопруг Александар кој е еден од обвинетите грабнувањето и убиството на нивната 14-годишна ќерка.

Таа, како прв сведок на Обвинителството, во Основниот кривичен суд Скопје сведочеше за сите околности во врска со исчезнувањето на девојчето, потрагата по него, семејните односи, имотот и мотивите за настанот што ја шокира македонската јавност.

Мајката на Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска (лево), со својата адвокатка (десно) / Фото: „360 степени“

Освен нејзиниот поранешен сопруг од кого е разведена, Ѓорчевска кажа дека не познава и не е скарана со никој од обвинетите.  

На прашањата на обвинителката, дел од адвокатите и судијата, таа одговараше јасно и смирено.

Што кажа мајката на Вања во своето сведочење

Ѓорчевска, одговарајќи на директни прашања на обвинителката, во детали опиша што се случувало критичниот ден на 27 ноември лани, кога на Вања ѝ се губи секаков траг. Појасни дека Вања во петоците обично одела сама на училиште бидејќи нејзината помала сестра Миња немала прв час, а според обвинителството првиот обид за грабнување на девојчето било на 24 ноември, но поради метеж во сообраќајот обвинетите се откажале, па планот го реализирале во понеделникот на 27 ноември.

Тој ден помалата сестра повторно немала прв час бидејќи класната раководителка претходната вечер преку порака ги известила дека е болна. Ова Миња ѝ го кажала на мајката, која во денешното сведочење рече оти не знае дали за тоа знаел и таткото, но рече оти е можно тоа да му го кажало помалото девојче.

Вања од дома излегла во 7:20 часот, а мајката излегла дваесетина минути. Додека одела на работа, во 7:43 добила порака од класната на Вања дека таа не е во училиште. Класната ја чекала Вања да дојде на училиште затоа што мајката имала разговор со неа околу учебник што Вања тврдела дека ѝ го дала на соученичка која, пак, тврдела дека не е кај неа. Мајката барала да се разреши оваа ситуација бидејќи се случувала по вторпат.

Пораката од класната ја видела во 7:45 часот и веднаш ја побарала Вања на телефон да праша каде е, но таа не се јавувала.

„Ѝ свртев на телефон на Вања, но не беше достапна. Локацијата на ‘Гугл мапс’ покажуваше на Партизанска кај ‘Фитнес хаус’. Решив да му се јавам на Александар, му кажав дека Вања ја нема“,

раскажуваше мајката.

За кратко време таа пристигнала пред зградата каде што живеел Александар во непосредна близина на Соборниот храм, каде го видела како тој излегува од влезот на зградата. Тоа, како што дополни, било во временски интервал од 5-6 минути од моментот кога му се јавила до моментот кога стигнала пред зградата. На прашање дали во претходни случаи тој знаел да доцни, таа одговори потврдно, но, како што кажа, во ваков случај ако требало ќе излезел и по пижами.  

„Не е вообичаено да се спрема брзо, меѓутоа во случајот се симна веднаш, инаку знаел некогаш и да доцни. Во случајов беше долу. Не ми рече ништо кога го известив. Беше потиштен, повлечен, тажен, не беше избувлив, иако инаку знаеше да вика по мене. Очекував да вика и да ме прашува што направи, да не сме се скарале (со Вања)“,

сведочеше Ѓорчевска.

Таткото уште од првиот ден велел дека Вања е киднапирана

Александар, како што кажа таа, уште од првиот ден почнал да се сомнева дека Вања е киднапирана.

 „Велеше нема што друго да биде”,

раскажуваше Ѓорчевска.

За себе кажа дека откако Вања исчезнала на 27 ноември многу мисли ѝ се свртиле низ главата, но не помислила дека е грабната. Рече дека таткото не кажал зошто мисли дека девојчето е киднапирано, туку само велел дека нема што друго да биде, повтори Ѓорчевска одговарајќи на прашање на судијата Ивица Стефановски.

„Истото го повторуваше и во наредните денови и во еден момент му се развикав да престане да зборува така, дека полицијата користи друга терминологија. Претпоставував дека ја идеализира (Вања) и оти не може да прифати дека можеби побегнала”,

рече Ѓорчевска.

Од денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје / Фото: „360 степени“

Таа раскажа за потрагата по Вања и прегледувањето на снимките од камерите за кои главно бил ангажиран Александар со пријател, кој имал познанства со полицијата, но кого не го познавала.

На мајката тие ѝ посочиле само еден специфичен момент кога ѝ покажале човек како стои пред поранешно МЦМ, спроти станот, како набљудува и потоа застанува возило со затемнети стакла. Нивната теорија била дека човекот го проверувал теренот.

Во потрагата покрај полицијата биле вклучени роднини, пријатели и колеги од работа кои критичниот ден се обидувале да го лоцираат телефонот на Вања. Наредните денови, како што рече мајката, таа комуницирала со едни инспектори, а Александар со други и не ги споредувале белешките.

Во однос на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“, од каде што била грабната Вања таа потврди дека знае оти инвеститор на зградата била фирмата „Упа ентерпрајс“ и дека знае кој е Палевски, но рече оти лично не го познавала. Одговарајќи на прашањата, таа кажа дека станот го купил нејзиниот татко и дека не знае за никакви недоразбирања меѓу него и Палевски.

„Да имаше такво нешто, татко ми веднаш ќе се повлечеше. Ги имам документите и уплатниците за станот каде што сè е уредно и тие се предадени во Обвинителството”,

рече Ѓорчевска.

Детали за становите

Станот од 2018 година бил на име на таткото, но откако се преселиле таму тие почнале постапка станот да биде префрлен на име на едно од децата.

„Конкретно, не можам да одговорам од која причина станот беше даден во негова сопственост, генералната идеја беше едниот стан да се префрли на негово име за ако нешто некому се случи да има што да им остави на децата“,

рече таа.

Тие почнале постапка за префрлање на станот на едно од девојчињата, но таткото, како што кажа таа, ретерирал и никогаш не дошло до нотарска заверка, а таа потоа не инсистирала да се да се заврши постапката.

Ѓорчевска во своето сведочење кажа дека наследство од своите родители го имала станот на улицата „Наум Наумовски Борче“, во кој живееле од септември 2023 година, еден стан во Аеродром, еден во Капиштец каде што живееле пред да се разведат и еден мал стан во Охрид. Во 2022 година за 83 000 илјади евра го продала станот во во Аеродром, а со парите ги затворила минусите на картичките, купила нов автомобил и апарати за домаќинство. Сумата од 30 000 евра што ѝ останала од продажбата ги орочила во банка.

Дека Вања е убиена, мајката дознала на 3 декември. Тој ден во 3 часот била повикана во полициска станица заедно со Александар, каде што била известена дека Вања е пронајдена мртва. Биле одведени во различни простории, а потоа таа била однесена да го идентификува телото. Дека има осомничени за убиството и дека Александар е притворен дознала вечерта од медиумите.

За бранителот на обвинетиот Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ, денешното сведочење на мајката е многу важен исказ, затоа што, како што кажа, се расчистиле сите шпекулации и мистерии кои се провлекувале во јавноста во изминатиот период и ја потврдиле тезата на одбрана дека неговиот клиент не е вмешан во настаните.  

„По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, многу јасно и децидно појасни, особено на вкрстеното прашање дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, дека некој ја прелажал итн. Појасни во која смисла таа го разбира неговото толкување, односно неговото мислење дека Вања е киднапирана и појасни во таа насока дека тој не можел да се помири со фактот, бидејќи многу им верувал на децата, дека неговото дете избегало или некој ја прелажал и затоа неговата теорија била дека и тој претпоставувал дека нема што друго да биде освен дека детето е киднапирано“,

рече Туфегчиќ.

Тој додаде дека денешниот исказ на сведокот се разликувал од оној што Зорица Ѓорчевска го дала во Обвинителството.

„Имав можност да имам увид во нејзиниот исказ во Обвинителството, а во некои клучни точки се отстапува од тоа што денеска го слушнавме во судницата. Но, денеска сведокот беше дециден и работите станаа многу појасни. На пример, таа тогаш изјавила дека Александар секогаш доцни, па чудно ѝ било како стигнал навреме пред зградата. Ама денеска таа објасни дека не било тоа баш така. Во таква ситуација човек не размислува, туку веднаш се облекува и трча по скалите за да стигне навреме“,

рече Туфегџиќ.

Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски и неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ на денешното рочиште / Фото: „360 степени“

Прашан во врска со изјавата на неговиот клиент дадена во воведниот говор дека на децата им биле припишани два стана, адвокатот рече дека и мајката во нејзиното сведочење кажала дека неговиот клиент инсистирал да им остави нешто на децата.

„За цело време се два стана во целава оваа приказна. Едниот стан е на булевар ‘Партизански одреди’, а другиот е на улицата ‘Наум Наумовски Борче’. Оние докази што ги доставивме до Судот, даночни обврзници на предметните станови, конкретно на станот на ‘Наум Наумовски Борче’ е Миња Ѓорчевска, а на станот на ‘Партизански одреди’ е Вања Ѓорчевска. Појасни сведокот од која причина не е финализиран во форма на нотарска заверка, но тоа не значи дека во ниту еден момент некој ги оспорил дотогашниот потпис и евиденцијата во даночната управа. Таа беше категорична дека еднаш или двапати прашала до каде е постапката и дека, како што и самата кажа, подоцна ретерирал и таа се согласила со тоа. И тука завршува нејзиниот исказ, сето друго се претпоставки и немојте само да ми кажете дека тоа е основ и мотив некој некого да убие и да жртвува свое дете за таква работа“,

изјави адвокатот.

Панче Жежовски имал судски спор со еден од обвинетите

На денешното рочиште сведочеа и ќерката и зетот на убиениот 74-годишен Панче Жежовски од Велес. Тие раскажаа како на 22 ноември го пријавиле неговото исчезнување откако во неговиот дом наишле на вклучена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „ситроен“ кое инаку не го давал никому и имало голем багажен простор. За еден од обвинетите, Велибор Манев, и двајцата рекоа дека живеел во близина на пензионерот, но дека пред многу години имале судски спор. Ова, како што кажа Тодор Кирков, зетот на Панче, се случувало пред петнаесетина години.

„Со Велибор се договориле да му го среди дворот за 1 600 евра и наводно Панче пред заминување во Германија му платил 11 00 евра. Остатокот требало да му го даде кога ќе си дојде од Германија, но не бил задоволен од работата, па Велибор си ги извадил коцките со кои претходно го редел дворот. Се тужеа со години“,

рече Кирков.

Судењето за двократното убиство продолжува в среда.

- Реклама -