Димче Тасовски ги демантираше гласините на бугарските медиуми дека токму тој ќе биде еден од првите кошаркари што ќе го засили тимот на Лукоил академик на почетокот од 2013 година.
Јавноста кај нашиот источен сосед шпекулираше дека Марин Докузовски е подготвен да ангажира нови кошаркари токму од македонскиот шампионат, а на врвот на неговата листа со желби се наоѓаат токму Тасовски и центарот на Работнички, Немања Јелесијевиќ.
Сепак, поранешниот македонски репрезентативец ги оцени ваквите гласини како обични шпекулации, бидејќи дека тој немал разговори со никого од таборот на бугарскиот кошаркарски гигант.
– И самиот бев изненаден од пишувањата на бугарските и на дел од македонските медиуми. Лукоил е голем клуб и чест ми е да бидам поврзуван со трансфер во истиот, но експресно морам да ставам до знаење дека не сум разговарал со никого од таборот на бугарскиот шампион. Со Марин Докузовски имав добра соработка додека играв за Работнички под негово водство, но нема ништо конкретно што би ги потврдило гласините за интересот на Лукоил – изјави Тасовски за ЕКИПА.