Тасевски: И без пензионери останавме, нема со кого шах и табла да поиграш

Фејсбук статус на Сашо Тасевски

Не заминуваат само семејствата со мали деца од тука. Туку со нив одат и пензионираните родители на брачните другари. Им ги чуваат децата додека овие рмбаат, зашто градинките се скапи во ЕУ и САД. Па се менуваат на четири месеци. Прво одат родителите на невестата, па после оние на зетот. А бе ни пензионери нема да останат овде. Нема со кого шах и табла да поиграш пред зграда. Прашувам каде е дедо Миле од втори кат? Кај синот во Флорида, да го чува внукот. Добро, а дедо Божо, исто не го гледам, да не умре? Не бе, во Стокхолм е кај ќерката и зетот, им ги чува децата. Баба Донка ја барам, со неа играв домино, ми рекоа отишла кај синот во Минхен, ама него да го чува, да му готви и да го пегла. Тој има 45 години и не е женет. Мешко глумецот исто на Флорида, чува внуци. Со кого сега кутар јас да играм табла, шах, бриџ, домино? Ама барем, дојде живот. Конечно во автобус ќе можете да се испружите на пет седишта, во ден за бесплатно возење на пензионери. Е тука полесно се дише.

- Реклама -