„Танцот“ заврши. Сега коронавирусот бара сериозен „партнер“, ама не за танцување, туку за војување

Ситуацијата во Македонија опасно се влошува. „Танцот“ заврши. Сега коронавирусот бара сериозен „партнер“, ама не за танцување, туку за војување. Време е за нова стратегија! Апелирам на совеста на луѓето од здравствените власти и на сите кои одлучуваат многу сериозно да се размислат и за сопствената колективна, но и лична професионална и човечка одговорност за одлучувањето.

После денешните бројки, мислам дека на сите ви е јасно дека конечно треба да престане овој „танц“, ова „танго на смртта“ со епидемијата од коронавирусот и веднаш да се пристапи кон подобрување на стретегијата на борба против ова зло.

Денеска (4 април), имаме нови 53 нови заболени, имаме нови 5 жртви (вкупно станаа 17), имаме нови градови жаришта налик на Куманово, додека состојбата во многу здравствени установи многу сериозно загрижува. Ситуацијата опасно се влошува!

Светските искуства покажуваат дека најдобри резултати во менаџирањето на коронакризата се постигнуваат со масовни тестирања, со сите капацитети и со сите видови тестови кои се на располагање (тестовите не се исклучуваат едни со други, туку се надополнуваат), со ефикасно следење и со карантинско изолирање на заразените и на суспектните, како и со уште построги мерки на социјално дистанцирање.

Наместо ова да се прочита и да се разбере, наместо и Македонија активно да се вклучи во глобалниот брејнсторминг на луѓето од светот на науката и на медицината, во кој се вклучени и медиумите, кај нас со денови се води и се поттикнува жестока кампања против масовното тестирање. Истовремено, оправданите иницијативи за омасовување на тестирањата, согласно со светските искуства и со препораките на Светската здравствена организација, најдрско и најбезобразно се означуваат како „профитерство“ или како мешање на новинарите и на други лаици во нешто што не го знаат, нешто за што не смеат да формираат сопствено мислење.

Апелирам веднаш да престане таа груба и безобразна цензорска логика!

И лекарите не се експерти за економија, на пример, но кога таа ќе ги удри по џебот, на цел глас вреват за економските проблеми со кои се соочуваат, бараат повисоки плати, нова опрема, подобри услови за работа и други бенефиции. И тоа со право! И затоа секогаш ја добиваат нашата поддршка. Секогаш! Но сега, нека простат, сега нашето здравје е во прашање. И без оглед што ние не сме експерти за медицина, покрај нашата неспорна почит кон лекарите (на крајот на краиштата, кога сме на мака, нашето здравје ним им го доверуваме, нели), нема да дозволиме ни тие, ни било кој во нивно име, да нѐ спречува да информираме и врз основа на информациите, да формираме и сопствени мислења и ставови. Па нека бидат и погрешни…

Но, да се разбереме, не е мое лично мислење или став, туку е ноторен факт сознанието дека кај нас сѐ уште не се искористени сите капацитети на лабораториите за тестирање и со молекуларните тестови. Прашувам јавно – зошто?

Ние сѐ уште немаме набавено брзи молекуларни тестови, какви што има во многу земји, како на пример во Италија. Прашувам јавно – зошто?

Сѐ уште се прави отпор кон брзите тестови што ги има кај нас, додека лекари од Клиничкиот центар и самите се тестираат со овие тестови (само за тоа не смее да се зборува јавно). Прашувам јавно – зошто?

Зошто ова лицемерие и оваа неразумност, луѓе мои?

Со денови се пружаше отпор кон апелите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски градот да се стави под целосен карантин, за тоа конечно да се стори кога на Куманово веќе му се случи катастрофа. Прашувам јавно – зошто се чекаше? Затоа што Максо не е епидемиолог? Па излезе дека е попаметен од сите епидемиолози во земјава!

Зошто се отфрлија неговите апели?

Патем речено, да повторам и да предупредам – гледате ли дека во Македонија и други градови стануваат потенцијални жаришта, по примерот на Куманово? Ќе сторите нешто во врска со тоа или пак ќе чекате да ви дојде јајцето на газот?

Сѐ уште се останува на ставот дека луѓето кои се во самоизолација ќе бидат пуштани ако немаат симптоми, без да бидат тестирани, макар и со брзи тестови. Прашувам јавно – зошто?

Ме прашува мене човек од општина Бутел – како може бројот на заболени да расте, а бројот на лицата во самоизолација или карантин да се намалува? Така е во оваа општина. Човекот не е јабанџија, колку да се знае. А така е во многу општини. Навистина, како е можно тоа? Каде е тука епидемиолошката логика?

Нешто кај нас навистина не е во ред… Размислете малку, аман!

Секој ден пренесуваме информации од светот за тоа како други земји се справуваат со коронакризата. Се трудиме да ставиме акцент на позитивните примери. Но, упорно се игнорираат искуствата на најдобрите, на најорганизираните. Прашувам јавно – зошто?

Кој има штета од тие информации од кредибилни извори? Зошто се бара сите да замолчиме, да не мислиме со сопствените глави и само да слушаме што ни се кажува на прес-конференциите?

За тоа ли се воведе вонредна состојба? За да имаме една централна инстанца што ќе мисли како што ќе мисли и ќе одлучува како што ќе одлучува, а сите други беспоговорно да ја следиме, убедени дека сиот ум на планетава е сконцентриран баш во Македонија?

Продолжете на ПЛУСИНФО

- Реклама -