Кабул, 14 септември 2021 (МИА) – Талибанците денеска ја поздравија помошта од 1,2 милијарди долари што ја вети меѓународната заедница за Авганистан и ги повикаа САД да покажат поголема великодушност.
„Им благодариме и ги поздравуваме обврските на светот од околу една милијарда американски долари помош и ги повикуваме да продолжат да даваат помош за Авганистан“, рече Амир Кан Мутаки, вршител на должноста министер за надворешни работи во новата влада на Авганистан.
„Америка е голема земја, тие треба да покажат дарежливост“, додаде тој на прес-конференција.
Како дел од иницијативата на ОН, САД во понеделникот ветија околу 64 милиони долари за хуманитарни организации кои работат во Авганистан. За споредба, Вашингтон потроши 2.000 милијарди долари за 20 години од авганистанскиот конфликт.
„Исламскиот емират (како што талибанците го нарекуваат Авганистан), им помогна на САД со олеснување на нивната евакуација. Но, наместо да им се заблагодарат, тие зборуваат за воведување санкции против нашиот народ“, изјави Амир Кан Мутаки.
ОН вчера соопшти дека земјите донатори ветија вкупно 1.2 милијарди американски долари помош за Авганистан, без да прецизираат колку ќе бидат наменети како итна помош.
„Исламскиот емират ќе направи сè што може за да им ја пренесе таа помош на луѓето на кои им е потребна, на целосно транспарентен начин“, додаде новиот шеф на авганистанската дипломатија.