Талат Џафери се пофали со премиерскиот портрет што е поставен во зградата на Владата

Автор на портретот е уметникот Едмонд Драми, а според објавата на премиерот во заминување и пратеник во Собранието, тој е задоволен од делото, за кое вели дека е маестрално насликано

Премиерот на техничката влада во заминување, Талат Џафери во објава на социјалните мрежи се пофали со неговиот премиерски портрет кој е поставен во зградата на Владата, покрај портретите на неговите претходници и наследници на функцијата.  

Талат Џафери до неговиот премиерски портрет / Фото: Фејсбук-профил на Талат Џафери

Автор на портретот, како што наведува Џафери, е уметникот Едмонд Драми. Според објавата на премиерот во заминување, тој е задоволен од портретот, за кој вели дека е маестрално насликан.  

„Благодарам Едмонд Драми за маестралното сликање на мојот премиерски портрет. Ти посакувам понатамошни успеси во уметничкото патешествие!“,

напиша Џафери на Фејсбук. 

Портретот на Џафери, како што објави ТВ Телма е поставен на нов дел од ѕидот откако претходниот простор е пополнет со три портрети на претседателите на влада од последниот мандат на СДСМ. 

Фото: Фејсбук-профил на Талат Џафери

Инаку, Џафери е трет технички премиер чиј портрет стои во владата и прв премиер од албанската етничка заедница. 

Авторот на портретот на Џафери, Едмонд Драми е ументик роден во градот Фиер во Албанија, а се школувал во Рим, Италија, каде живее и твори.  

Техничката влада на чело со Џафери, која раководи со извршната власт до изборот на политичка влада што треба да се случи наредните денови, беше избрана на 28 јануари, 100 дена пред парламентарните извори кои се одржаа на 8 мај, а согласно законските решенија кои произлегоа од Пржинскиот договор. 

Џафери до крајот на месецов заминува од функцијата, а на негово место во премиерската позиција треба да се седне лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски чија партија и коалиција „Твоја Македонија“ освои најмногу пратенички места на парламентарните избори во мај и го доби мандатот за состав на новата влада од новозибраната претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која победи на претседателските избори како кандидат на оваа коалиција.  

Инаку, по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Северна Македонија, Џафери се најде на мета на критики на дел од стручната јавност поради неговата одлука да продолжи да ја води техничката влада до изборот на политичката и покрај тоа што е избран за пратеник во законодавниот дом. 

Имено, по конститутувната седница на новото Собрание, кое се одржа на 28 мај, Џафери во изјава за медиумите соопшти дека ќе ја извршува премирската функција до изборот на новата влада и оти дотогаш нема да учествува во работата и одлуките на Собранието. 

За ова тој се повика на Уставот, законите и досегашната пракса.

- Реклама -