Тајланд прв во Југоисточна Азија донесе закон со кој се легализираат истополовите бракови

„Ова ќе го истакне лидерството на Тајланд во регионот кога станува збор за промовирање на човековите права и родовата еднаквост“, се наведува во заедничката изјава на Комисијата за граѓанско општество за брачна еднаквост на земјата, активисти и ЛГБТИ парови

Горниот дом на паламентот на Тајланд, Сенатот денеска усвои закон за брачна еднаквост, со што се отвора патот таа да стане третата земја во Азија што ги признава истополовите бракови по Непал и Тајван, пренесе Ројтерс.

Од седницата на Сенатот на Тајланд на која бил усвоен законот за брачна еднаквост / Фото: EPA-EFE/NARONG SANGNAK

Законот, како што се наведува, ја добил поддршката од речиси сите членови на тајландскиот сенат, по што ќе биде испратен во кралската палата каде треба да биде одобрен од суверенот на земјата. Тој ќе стапи во сила 120 дена по објавувањето во службениот весник на кралството.

Застапниците за правата на ЛГБТИ го нарекоа донесувањето на законот огромен чекор напред, бидејќи со овој потег Тајланд станува првата земја во Југоисточна Азија што донела закон за брачна еднаквост.

Инаку, Тајланд е позната по својата енергична ЛГБТИ култура и толеранција, што, меѓу другото, придонесува за популарноста на земјата како туристичка дестинација.

„Ова ќе го истакне лидерството на Тајланд во регионот кога станува збор за промовирање на човековите права и родовата еднаквост“,

се наведува во заедничката изјава на Комисијата за граѓанско општество за брачна еднаквост, активисти и ЛГБТИ парови.

Усвојувањето на предлог-законот доаѓа по повеќе од дведеценските напори на активистите и политичарите во земјата да се донесе ваков акт, откако претходните нацрт-закони не успеваа да стигнат до парламентот.

„Многу сме горди што испишуваме историја“,

изјавила членката на парламентарната комисија за истополови пракови, Плаифа Кјока Шодлад, пренесува Ројтерс.

На почетокот на јуни, илјадници ЛГБТИ активисти и поддржувачи маршираа низ улиците на Бангкок, каде што им се придружи и премиерот на земјата Срета Тависин, кој носеше маичка со боите на виноживото, а повод прославата на Месецот на гордоста.

- Реклама -