Според лидерот на ДПА – Мендух Тачи, 50% од финансиите што ги инкасираат Македонски Телеком, ЕВН и други претпријатија – се од Албанци, а Албанците во нив се застапени со симболични 2% или 3%, додека воопшто и да ги нема на раководните функции. Ова, според него, е проблем кој треба да се реши со закон со обрзувачка сила. Предлог за таков закон вети во првите 100 дена по изборите:
„На крајот од првите 100 дена – носење на посебен закон кој ќе го предложиме до Парламентот со кој ќе ги обврземе сите компании и приватни претпријатија, акционерските друштва – во странскиот капитал кој го инвестираат во Македонија, односно во нивните бизниси, да го рефлектираат процентот од населението каде се врши инвестицијата, како во вработување, така и на раководните функции. Значи, Македонски Телеком, ЕВН и други инкасираат финансиски средства од Албанците, според моите проценки, над 50%, а бројот на вработените во Мобимак и ЕВН е симболичен – 2 или 3%, додека речиси воопшто и да не постојат раководни позиции“, рече Тачи во интервју во емисијата „Изборни дебати“, пренесува „ТВ21“.
Ако овие услови ви звучат неприфатливи за било која странска компанија, Тачи има решение и за тоа:
„Некој ќе рече – која странска компанија ќе го прифати овој услов? За да ги привлечеме и да ги прифатат овие законски услови, мора да им овозможиме олеснувања во даночниот систем, во закупниот систем, во цената на земјиште“, рече лидерот на ДПА.