„Иако ние како земја не сме дел од високоразвиените земји, мора да следиме како се однесуваат развиените западни земји. Од друга страна, како муслимани, ние мора да ги следиме и развиените земји кои имаат муслиманско мнозинство“, истакна денеска лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) – Мендух Тачи, на партиската прес-конференција.
Како пример Тачи ја посочи Турција, која за првпат од почетокот на епидемијата воведува целосен карантин на целата територија, во времетраење од четири дена, поради празникот Рамазан Бајрам.
„Да ја земам Турција како пример. Особено ја следев позицијата на турската влада и нивните препораки за намалување на движењето за време на празникот. Мора да бидеме крајно внимателни, пандемијата сѐ уште не е помината“, рече Тачи, повикувајќи ги граѓаните, и пред сѐ муслиманските верници, да ги послушаат препораките и за празникот да останат дома.