Тачи: Не се заканив со војна, радикалните албански структури да знаат дека таа приказна е завршена

Изјавата дека ќе има војна била извадена од контекст и лошо пренесена, реагира денеска лидерот на ДПА – Мендух Тачи во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, кој потенцира дека всушност зборувал за опасноста од барањето на Али Ахмети за премиер Албанец и неговото одбивање да оди во опозиција.

„Барањето на Ахмети за премиер Албанец има директна закана, бидејќи тој е свесен дека ќе биде опозиција и последната алка му е национализмот и сака да ја направи тензијата голема. Бидејќи ако не биде тој во Влада, надевајќи се дека ќе биде прв кај Албанците, може да се случи сценариото од 2001 година“, рече Тачи, но ги увери граѓаните дека нема потреба од вознемирување дека такво нешто би се остварило доколку тој е вицепремиер:

„Мојата порака до граѓаните е да не се вознемируваат, дека јас сум кандидат за заменик-премиер и ако седнам на тоа место, гарантирам дека Ахмети и ДУИ ќе го почитуваат гласот на граѓанинот и ќе бидат мирни како кокошки. Таквата реторика веќе е завршена, нема такви проекти… Само за уплашени луѓе може да има такви изјави. Да не заборавиме, ние сме членка на НАТО. Сите зовриени глави на одредени радикални структури на Албанците, треба да знаат дека таквите сонови не постојат. Бидејќи кај Македонците нема можни фрустрации дека ние Албанците имаме резервни планови за Македонија. Завршена е таа приказна. Многу јаки гарантори има за нашиот идентитет, а тоа е НАТО“, порача Тачи.

И вчера во емисијата „Изборни дебати“ Тачи предупреди дека реториката на Ахмети води кон конфликт:

„Начинот на кој зборува Али Ахмети води кон конфликт. Почитувани граѓани, Албанци, Македонци и припадници на сите останати заедници, ова се последните моменти на Али Ахмети. Ако јас станам вицепремиер нема конфликт, нема војна… еднаш го одигра тој филм во 2001-та каде ни загинаа многу момци, а денеска сака да ја повтори истата закана. Ова е само следна негова игра. Али Ахмети сѐ уште не даде отчет за 227 убиени Албанци во мојот град Тетово во времето кога тој дојде во Тетово. Сѐ уште не го стори тоа. Од овие 227 случаи не знам ниту дали 5% од нив се разјаснети. Али Ахмети допрва треба да даде сметка за криминализирање на животот на Албанците. Али Ахмети треба да даде сметка за 10-годишна загуба на албанската политика во коалиција со Груевски, па дури потоа, откако ќе влезе во вистинското ‘чистилиште’ на правдата или пеколот низ кој поминав јас со истраги две години и судски процес, можеме да зборуваме за други прашања. Али Ахмети е лоша политичка фигура за Албанците. За мене е недопустливо да ги ставам на иста линија г. Заев и г. Ахмети, или г. Мицкоски со г. Ахмети. Господинот Ахмети е срамно и криминално минато за оваа држава и за Албанците“, изјави Тачи.

Неговата изјава за војна доколку во Владата нема Албанци, за која тврди дека е извадена од контекст, во јавноста стигна и предизвика реакции благодарение на краткото видео што го објави „ТВ21“ порано во текот на вчерашниот ден со цел да ја најави вчерашната вечерна дебата.

- Реклама -