Ако ЕУ продолжи со изолација на Косово, ќе биде разгледана можноста за институционални активности, но и референдум за обединување на Косово со Албанија, изјавил косовскиот претседател Хашим Тачи во интервју за ТВ „Дукаѓини“, алудирајќи на одбивањето на Брисел да одобри визна либерализација за граѓаните на Косово и Метохија, пренесуваат приштинските медиуми.
„Обединувањето можеме да го спроведеме преку собраниски резолуции, како и преку референдуми на Косово и Албанија, но вклучувајќи го Прешево, Медвеѓа и Бујановац“, вели Тачи, оценувајќи дека моментот за „исправање на историските неправди“ (преку обединување на Прешево, Бујановац и Медвеѓа) никогаш не бил поблиску.
Според него, однесувањето на Европската унија кон Косово покажува дека е време сериозно да се разгледа опцијата за преземање на институционални чекори кон „национално обединување“.
„Ако ЕУ не сака да прифати две албански држави со две знамиња, нека прифати само едно знаме“, порачува Тачи, пренесуваат приштинските медиуми.