Кога вооружен маж отвори оган врз баптистичката црква во Сатерленд Спрингс, Тексас, чинот многу потсети на пукањето од 2015-та врз африканската методистичка црква во Чарлсон, Јужна Каролина. И покрај сличностите, овие инциденти беа опишани прилично различно. Associated Press извести дека напаѓачот од Сатерленд Спрингс, кој уби 26 луѓе, „не изгледа дека е поврзан со организирана терористичка група“. Според Atlantic, пак, нападот во Чарлстон, во кој беа убиени 9 луѓе, беше токму „тероризам“. Кога азилант лани уби 49 луѓе во ноќниот клуб Pulse во Орландо, CNN масакрот го нарече „најлошиот инцидент на домашен тероризам од 9/11 наваму“. Кога пак вооружен напаѓач уби 58 луѓе на музички фестивал во Лас Вегас, во вестите го опишуваа како „прадедо“, „коцкар“, „поранешен сметководител“, но не и „терорист“. На Ноќта на вештерките, кога возач удри со камионет во толпа пешаци и велосипедисти во Менхетн, кога беа убиени осуммина, беше идентификуван како „осомничен за тероризам“.
Проблемот со употребата на зборот е очигледен, а можеби произлегува и од дефиницијата. Џереми Гринсток (британски амбасадор во ОН), на пример, по нападите на 11 септември 2001-ва, објасни вака: „Тероризам е тероризам. Тоа што изгледа, мириса и убива како тероризам – е тероризам“.
Употребата на „the T-word“ (затоа што ете, во произволни ситуации свесно е избегнуван) е мошне јасна, на пример, во ситуациии кога извршителите на крвавите акти отворено декларираат припадност/наклонетост кон Исламска држава. Но се чини има сé повеќе луѓе на кои значењето на „тероризам“ не им е јасно додека не го видат.
Алекс Шмид – кој го изучува и предава за тероризам, веќе четири години работи на дефиницијата на зборот. Во првата реченица од второто издание на неговата книга, заклучува дека „потрагата за адекватна дефиниција е сé уште во тек“. Историчарот Walter Laqueur се согласува – според него постојат над 100 дефиниции.
Не е ни чудно што нема консензус, особено што владите постојано го користат зборот како инструмент да ги изолираат и дискредитираат своите противници, ем домашните, ем странските. Во авторитарните земји, на пример, како Египет и Кина, дури и мирните дисиденти се нарекувани терористи. Лидерите на демократските земји исто така се мотивирани да го користат терминот кога се може, бидејќи (како што потврдуваат студиите) тероризмот „го зближува народот околу знамето“. Во превод: ѝ дава повеќе моќ на владата.
Другпат, пак, владите го повлекуваат користењето на етикетата тероризам во зависност од геополитичките околности. Историски гледано, поради нападите во Турција за курдска независност, САД ја сметаше Курдистанската работничка партија (PKK) за терористичка група. Но кога САД мораа да се потпрат на Сириските демократски сили за копнените походи против Исламска држава, официјален Вашингтон престана да ги нарекува терористи, и покрај наводните врски со PKK.
За разлика од владите, меѓу академиците има поголема согласност и конзистентност во кодирањето на значењето на зборот. Главно се зборува за тероризам кога се задоволени 3 критериуми: Барем во теорија, насилен акт се смета за тероризам тогаш кога е извршен од недржавен актер/елемент¹, насочен кон цивилна мета², и со политичка цел³. Тоа значи: ¹ самотник, „осамен волк“ (loner) или организација која користи насилство а не е официјална армија; ² мека мета, како црква, џамија, синагога, или училиште, а не тенк или воена база; ³ во борба за кауза за национално самоопределување, бела надмоќ, калифат или комунистичка револуција, а не лични проблеми или себични причини како алчност (при грабеж на банка, пример).
Вака звучи сосема уредно, сé додека не се примени во пракса. За почеток, насилните организации често служат како продолжена рака на владите – прашајте ги Талибанците. Во Индија на пример, не ја разбираат оваа дефиниција. За нив „тероризам“ е синоним за Пакистан. Плус, некои мети се квази-цивилни, како нападот на хотелот на King David во Ерусалим, кога беа убиени 91 лице. Главно беа цивили, но хотелот служеше и како генералштаб на британските сили во Палестина. Воените и владините канцеларии беа главната мета. Или Ли Рагби, кој беше избоден до смрт од двајца самопрогласени џихадисти додека шетал на улица во Велингтон, Британија, во 2013-та. Иако не бил на должност, не бил вооружен, и носел само обичен дуксер, бил мета зашто бил воено лице на пат кон касарната.
Сепак, најзезнатиот критериум е мотивот. Ако ги прашате психолозите, ќе ви кажат дека и ние самите често не го разбираме сопственото однесување, а не пак туѓото. Дури ни најдобрите меѓу нив немаат пристап до умот на терористите. Дури и тоа што сите терористички групи имаат политичка платформа (т.е. кауза), тоа не значи дека сите нивни членови се борат со таа примарна цел. Како што покажуваат истражувањата, повеќето од луѓето кои се приклучуваат на терористичките групи, тоа го прават не поради постигнување на официјалните цели, туку поради друштвената солидарност со која се здобиваат преку членување во тесно-блиски групи.
Другпат не ни знаеме која група го извршила нападот. Од 1970-тите, вообичаените терористички напади главно поминуваа без никој да преземе одговорност. Многу од членовите на Исламска држава, од друга страна, која презема одговорност за своите, ама некогаш и за туѓите напади, немаат појма за религијата или политиката – што е резултат на тоа што групата има 0 критериуми при регрутирање. Дали пукачот во ноќниот клуб Pulse навистина бил приврзаник на Исламска држава, или само ментално пореметен? Шансите се дека бил и двете. Можеби мораш да си ментално пореметен за да мислиш дека пукање врз невини луѓе во ноќен клуб може да доведе до калифат.
На толку конфузија околу тоа што значи „тероризам“, и кои се всушност „терористи“, не е ни чудно што светот има проблем во борбата против нив. А владите и медиумите тешко дека ќе престанат да ја подгреваат.