Сѐ уште трае потрагата по исчезнатите лица во Босна и Херцеговина

Иако првично беше соопштено дека во поплавите кои ја погодија Босна и Херцеговина загинаа 21 лица, од министерството брифираат дека официјално загинале 17 лица, а се трага по дванаесет

Од рано утринава спасувачи и доброволци неуморно трагаат по исчезнатите лица во селото Долна Јабланица во централниот дел на Босна и Херцеговина кое е затрупано со отпад, песок, кал и камења од каменоломот кој се урна и кој со себе донесе огромни количини вода во големите поплави кои ја погодија земјата вчера.

Фото: EPA-EFE/NIDAL SALJIC

Во спасувачката мисија се вклучени припадници на Цивилната заштита, планинарски спасувачки служби, полицијата и пожарникари кои се обидуваат да се пробијат до отсечените куќи во кои се верува дека се наоѓаат најголемиот број на исчезнати лица. Градоначалникот на општината Јабланица, Дамир Шабановиќ рече дека се распоредени голем број на спасувачи кои работат на терен.

„Вложуваме максимални напори да им помогнеме на сите, да спасиме луѓе и предмети“,

кажа тој.

Иако првично беше соопштено дека загинале 21 лице, според последните информации од Владата биле пронајдени 17 тела, додека пак во Долна Јабланица официјално како исчезнати се водат 12 лица.

Сообраќајот на главниот автопат кон Мостар се уште е во прекин, бидејќи дел од патот пропадна во реката Неретва. Во оваа општина Коњиќ има голем број населени места кои се уште се отсечени од светот. Материјалната штета е огромна, а помош за Босна и Херцеговина најавија и Европската Унија и соседните Хрватска и Србија, како и бројни други земји.

- Реклама -