Ширењето на Ковид-19 од страна на некој што е асимптоматски носител, се чини, е ретко, изјави Марија Ван Керхов – директор на единицата за болести во подем и зоонози на СЗО, која го предводи и одговорот кон коронавирусот, вчера на новинарски брифинг во Женева.
„Од податоците што ги имаме, сѐ уште се чини дека е ретко асимптоматско лице всушност да го пренесе вирусот на секундарна индивидуа“, рече Керхов, истакнувајќи дека анализите од повеќе земји покажуваат дека голем дел од асимптоматските случаи се откриени преку следење на контактите на заболени од Ковид-19, но и дека многу од асимптоматските всушност се покажува дека се пресимптоматски или имаат многу благи симптоми.
„Овие индивидуи треба да бидат следени внимателно од моментот кога се детектирани и да се следи секундарната трансмисија. Имаме бројни извештаи од земји кои прават многу детално следење на контактите – ги следат асимптоматските случаи, ги следат контактите и не наоѓаат понатамошна секундарна трансмисија – многу е ретка. И многу од тоа не е објавено во литературата. Константно ги следиме податоците и се обидуваме да добиеме повеќе информации од земјите за да можеме вистински да одговориме на ова пршање. Сѐ уште се чини дека е ретко асимптоматска индивидуа да го пренесе вирусот понатаму“, објасни таа.
Сепак, Керхов посочи дека кога ќе се погледне назад, многу од „асимптоматските“ случаи всушност се покажува дека имаат многу благи симптоми, односно се покажува дека имале многу благи симптоми и не се асимптоматски во вистинска смисла на зборот:
„Немаат конкретни Ковид симптоми, што значи може сѐ уште не развиле треска, можеби немаат значителна кашлица или можеби немаат недостаток од здив, но некои може да имаат блага болест. Кога тоа е кажано, знаеме дека може да има и луѓе кои се навистина асимптоматски“.
Керхов потоа уште еднаш објасни како се пренесува коронавирусот SARS-CoV-2 и колку е важно да се изолираат симтоматските заразени и нивните контакти:
„Она на што сакаме вистински да бидеме фокусирани е следењето на симптоматските случаи. Ако ги следиме сите симптоматски случаи – бидејќи знаеме дека е респираторен патоген, се пренесува на луѓе преку заразни капки – ако вистински ги следиме сите симптоматски случаи, ги изолираме тие случаи, ги следиме нивните контакти и ги карантинираме тие контакти, драстично би ја намалиле – би сакала да можам да дадам конкретна пропорција на колку всушност трансмисија би спречиле – но би било драстично намалување на трансмисијата на вирусот. Ако би се фокусирале на тоа, мислам дека би биле многу, многу успешни во потиснување на трансмисијата“, истакна Керхов.
Многу од луѓето со Ковид-19 кои навидум се асимптоматски, всушност можат да имаат благи или нетипични симптоми или можат да се пресимптоматски, потврдува д-р Маниша Јутани – специјалист за заразни болести и професор по медицина и епидемиологија на Медицинската школа на универзитетот Јејл.
Терминот „пресимптоматски“ се однесува на раните фази на болеста, пред да се развијат симптоми, додека „асимптоматски“ се однесува на луѓето кои не развиваат симптоми во текот на целото времетраење на инфекцијата. Токму на оваа дистинкција се однесува и изјавата на Керхов на вчерашниот брифинг.
Јутани посочува дека кажаното од Керхов, иако звучи како новост, не се коси со претходните проценки за тоа како доаѓа до пресимптоматско ширење на коронавирусот:
Студија во април покажа дека тн. вирусно пролевање (viral shedding) – односно фазата кога луѓето можат да заразат други луѓе – може да почне 2 до 3 дена пред да се појават симптомите. Дополнително, американскиот Центар за контрола на болести (CDC), при планирање сценаријата за одговор против коронавирусот, проценува дека 40% од пренесувањето на вирусот се случува пред луѓето да се почувствуваат болни.
„Овие пациенти не се асимптоматски. Всушност, тие ја ширеле заразата пред да станат симптоматски. Генерално, овие наоди сугерираат дека ако ги карантинираме и следиме контактите на симптоматските луѓе, можеме да ѝ зададеме значителен удар на пандемијата“, заклучува Јутани.
Извор: CNN