Свирчињата и трубите не биле за 27 април туку за синот на Канческа, тврди Јанакиески за пораките што ги презентираше Русковска

„Јас, лично, сметам дека со овие докази кои сега се изведуваат, неспорно се докажа улогата во организирање на протестите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како и на обвинетите лица кои се во судницата, а тоа се Миле Јанакиески и Спиро Ристовски“, истакна денеска шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, откако на рочиштето за организаторите на „27 април“ презентираше пораки од електронската комуникација меѓу обвинетиот Миле Јанакиески и поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска, како и меѓу Канческа и екс-министерот за образование и наука, но и труд и социјала – Спиро Ристовски, исто така обвинет.

Како што соопшти Русковска, обвинителството оваа комуникација ја „извадило“ од предметите на СЈО. Притоа не откри за кои предмети СЈО го нарачувало вештачењето на телефоните.

„Миле, има нешто ново“ – прашува Канческа-Милевска, а со кратко „не“ одговара Јанакиески во првата СМС комуникација што ја читаше Русковска, остварена во периодот февруари-март, околу 30-тина дена пред упадот во Собранието.

Во размената, тие главно договараат кој каде да говори, па така, во една од пораките на 28 февруари, Јанакиески бара Канческа да го испрати актерот Владо Јовановски во „неговиот“ Прилеп, бидејќи „многу добро ќе залепел“, при што заеднички заклучуваат дека „мора да има уште повеќе луѓе утре, мора“.

На 1 март, пак, Канческа го информира Јанакиески дека се слушнала со Игор Дурловски и дека тој ѝ кажал дека патува за Битола. Канческа предлага Дурловски да говори на протестот, бидејќи „добро ќе го прифатат битолчани“, а Јанакиески се согласува и вели „нека збори, топ ќе биде“.

Меѓу пораките, Русковска презентираше и такви на кои Јанакиески се жали на озвучувањето на протест пред Владата, на пример.

Освен слични разговори и за други уметници од целата држава, но и за други познати лица, академици, доктори, на 1 и 2 март Канческа и Јанакиески разговарале и за, според Русковска, дел од реквизитите што биле користени на протестите. Па така, во една од пораките, Канческа на Јанакиески му вели „Свирчиња ми требаат. И труби. Многу ми требаат“. На тоа Јанакиески одговара дека „Нело има“ труби и свирчиња.

Следниот ден, Канческа повторно со слично барање: „Те молам, собери ги сите тапани на свет, многу ни требаат денеска“. Јанакиески на тоа одговара со „Најдовме нешто, ќе ти кажам кога ќе дојдам“.

Слични разговори Канческа имала и со Ристовски. Така, во една од комуникациите го информира дека „фалат спортисти“ на протестите (на „За заедничка Македонија“), на што тој одговара дека „е запознаен и прави притисоци секој ден“.

Со овие докази, паѓаат во вода исказите на многубројните сведоци на одбраната, кои тврдеа дека ниту Ристовски и Јанакиески, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ги организирале протестите – категорична е Русковска.

Одбраната, пак, реагираше дека презентираното покажува само поддршка, а не и организација на протестите, како и дека разговорите се одвивале повеќе од еден месец пред настаните во Собранието на 27 април, при што во нив никаде не се зборува за некаков упад или било какви насилства.

Јанакиески реагираше и на делот за реквизитите. Според него, свирчињата и трубите Канческа му ги барала зашто им биле потребни на нејзиниот син и неговите другари, а не за протестите кои му претходеа на 27 април 2017 година. Јанакиески дури испрати и фотографија од транскриптот до порталот „Плусинфо“. На неа се гледа одговор од Канческа, кој гласи: „На Јаков му треба за другарите“.

- Реклама -