За разлика од порано, сега пластичните операции се прават многу повеќе од комплекси (поблаги или погорки), наместо од вистинска потреба. На индустријата не ѝ смета – заработи милијарди и милијарди долари, ја има на сите вести и тв емисии, во музиката, во филмот… Не им смета ни на државите; многу од нив го увидоа потенцијалот, кој во форма на пластичен туризам може да донесе значаен пораст на бруто-домашниот производ на една земја.
Дубаи, Тајланд, Јужна Кореја, Маврициус, Индија и Иран се само дел од тие на кои им се посреќи (барем финансиски).
Во САД, најпопуларен е „мама“ пакетот (mommy makeover) – серија од процедури кои вклучуваат истенчување и затегнување на абдоменот, импланти во градите и липосукција. Со еден збор, пакетот ги враќа жените во телата што ги имале пред бременоста.
Британците, пак, сé чини дека не се голем фан на пластичната операција, и кога ја прават – ја сведуваат на минимум. Затоа, пак, во остатокот од светот, нештата се поинакви.
Индија: Издолжување на екстремитети
Процедурата на екстензија на екстремитетите е ужасно болна, но додава и до 7.62 сантиметри на тоталната висина. Во Индија е во пораст, бидејќи се смета дека со тоа се подобруваат шансите за кариера и брак.
Се користи истата процедура како кај ортопедските хирурзи, која се користи кај децата со забавен/нарушен раст и при големи повреди. Накратко, коската се крши стратешки на неколку места, се поставува метална рамка прикачена за коските, која полека (и болно) се издолжува и ја растегнува ногата, во тек од неколку недели. За тоа време, празнините меѓу коските се пополнуваат со ново коскено ткиво.
Во нормалната хирургија, кога коските не зараснуваат, тоа може да доведе кон ампутација. Ризикот дефинитивно се исплати кога се работи за откинат екстремитет или сериозна повреда, но за убавина? Тешко.
Бонус: Во Индија, процедурата е нерегулирана. Нема колеги што можат да помогнат, нема соодветна обука, и веројатно е дека самиот хирург што ја извршува операцијата всушност експериментира на своја рака.
Јужна Кореја: Нови фаци (новопечени белци)
Индустријата во Јужна Кореја растура. Операцијата е евтина и ефикасна, а болниците се опремени, па дури и привлечни за глобалниот пазар на медицинскиот туризам.
Од операциите, најпопуларни се процедурите кои ветуваат „позападен“ изглед. Ј.К. (не Јелена Карлеуша… уствари можно е) има најголема стапка на пластични операции по жител во светот. Корејците сакаат V бради, прават помали носови, поотворени (позападњачки) очи и слично, а (бруто-домашниот производ на) Кореја профитира, без многу да ја интресира дали профитот е од домашните или странски пациенти.
Бразил: Газови, стомачиња и облини
Во 2014, Бразил беше втор најголем изведувач на пластични операции, по САД (20.1%), со 10.2% од вкупниот број на хируршки операции. Најголем дел од нив се за „подобрување“ на градите, стомакот и задниците.
Бразилците се водечки иноватори во естетската хирургија, од нови типови на импланти во градите, преку бразилската абдоменопластија (кога „вишокот“ месо, а не масти, е отстрането од стомакот), па до „бразилскиот лифтинг“ на задникот. За ова последново, Бразилците имаат измислено и посебни вежби, fat „grafting“ (липосукција на мастите, нивно претворање во течност и вбризгување во друг дел од телото) и импланти наменети за третирање на олабавената кожа по масивното намалување на тежината.
Притоа, во обидот да се изгледа како Џеј-Ло, пациентките ризикуваат масна емболија, која знае и да убие.
Иран: Корекции на носот
Козметичката хирургија е во подем и во Иран, до толку што сега земјата е меѓу топ 10-те на ова поле. Липосукцијата и пигментацијата на веѓите (се користат трајни тетоважи за да го блокираат растот на веѓите) се мошне популарни, како и корекцијата на носот. Од 40.000 козметички процедури во Иран, повеќе од 60% отпаѓаат на последниов тип на корекции.
Со оглед на тоа што Иран е поконзервативна земја каде жените претежно се покриени, промените на лицето се единствениот начин да се биде поубав. Трендот е до толку популарен, што завоите што жените со тазе операција ги носат преку носот веќе добија и назив: „завои на честа“.
Низ светот: Дизајнерски вагини
Операцијата на женските гениталии вкучува „дизајнерски вагини“ (еве, ако баш сакате сликoвито) и лабијална редукција (намалување на усните на вагината) – процедура што некои ја сметаат за еквивалент на гениталното сакатење на жените во Африка.
Се разбира, ако операцијата не се изврши соодветно, можат да настанат сериозни проблеми. Сепак, тоа не го спречува трендот да зема замав во еден куп земји во светот.
Сé почеста е и редукцијата на пубичната област – со годините, ткивото омекнува и „потекува“, а тоа води кон таканареченото „camel toe“. Многу жени се срамат од тоа, особено при носење на костуми за капење, па се одлучуваат по хируршки пат да го намалат camel toe ефектот – преку одредена форма на липосукција и „скратување“ на кожата.