Светските медиуми со пофалби за инвестицијата од 500 милиони евра за ветерници

Фото: Влада на РСМ

Најновата германска инвестиција од 500 милиони евра во ветерници на „WPD“ кои ќе произведуваат 450 мегавати чиста и зелена енергија, што вчера ја најавија премиерот Зоран Заев и германската амбасадорка Анке Холтајн, предизвика интерес кај странските медиуми.

Посочувајќи дека Владата прави сериозни чекори кон исполнување на зелената стратегија на ЕУ за целосна замена на јаглените електрани до 2030 година, „Ројтерс“, на пример, оценува дека оваа инвестиција е крупен чекор кон остварување на таа цел.

„Ветерниот парк ‘Вирови’ е стратешки проект на Владата кој ќе помогне во транзицијата од производство на енергија доминантно од јаглен кон зелени извори, додавајќи 400 мегавати на планираните 700 мегавати“, пишува „Ројтерс“.

„Владата на Северна Македонија планира да обезбеди околу 1.500 мегавати од соларни електрани и околу 700 мегавати енергија од ветер. WPD работи во 28 земји низ целиот свет“, пишува Асошиејтед прес.

„Проектот кој го најави премиерот Зоран Заев од 415 мегавати е најголемата германска инвестиција во земјата и најголемата во областа на зелената енергија откако Северна Македонија прогласи независност од поранешна Југославија во 1991 година“, пренесува американскиот ABC News.

За инвестицијата пишува и грчкиот весник Екатимерини, дополнувајќи дека ветерниот парк, кој ќе има 69 турбини, ќе се гради во три фази на три локации и ќе снабдува со електрична енергија околу 290.000 домаќинства.

Прочитајте и:  Мицкоски: Законот за јазиците мора да се почитува, но треба и да се зголемат капацитетите во министерствата

Инвестицијата беше најавена вчера како најголема директна гринфилд инвестиција во македонската економија. Станува збор за моќна електрана со 69 нови ветерни турбини која ќе произведува 1.335,95 гигават часови чиста електрична енергија годишно. Инвестицијата е на германската компанија „WPD“ вредна 500 милиони евра што ќе се реализира на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка. „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а со максимална примена и почитување на највисоките еколошки стандарди, ќе снабдува 290.000 домаќинства, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи. Ветерниот парк се очекува да биде завршен за шест години. Ќе се реализира во три фази. Во првите две фази ќе се инсталираат по 150 мегавати капацитет, а во последната 114 што е вкупно 415 мегавати.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната презентација оцени дека оваа инвестиција е придобивка од Законот за стратешки инвестиции.

„Големите инвеститори ги препознаваат економските можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во Северна Македонија“, истакна Заев на презентацијата.

- Реклама -