Светскиот ден на театарот 27 март се одбележува и во МНТ!

Македонски народен театар, по повод Светскиот ден на театарот, во четврток со почеток во 15:30 до 18:00 ќе ги отвори вратите за сите љубители на театарската уметност.
Посетителите ќе ја имаат таа прилика да го разгледаат театарот и воедно да уживаат во благодетите и убавините на новоизградениот објект, како и да се запознаат и дружат со неколку наши врвни актери.

На тој ден во театрите низ светот, националните центри на Меѓународниот театарски институт и целата меѓународна театарска заедница организира различни театарски манифестации, од кои најважна е традиционалната меѓународна порака која, на повик од ИТИ, секогаш ја пишува театарска личност со светско реноме.

Пораката се преведува на повеќе од 20 јазици, се чита пред десет илјади гледачи во театрите, медиумите ја емитуваат во весниците, радијата и телевизиите на сите континенти. Првата порака за Светскиот ден на театарот ја напишал Жан Кокто (Jean Cocteau) во 1962 година. Оваа година пораката ја напиша познатиот драмски писател и режисер Брет Бејли (Brett Bailey).

Автор на македонската порака по повод Светскиот ден на театарот 27 март 2014 е актерката и режисерка Звезда Ангеловска, вработена во Македонскиот народен театар во Скопје.

/Макфакс

- Реклама -