Дваесетте најсиромашни земји во светот, дом на 40 отсто од најсиромашните луѓе, се најзадолжени од 2006 година и се поранливи на природните катастрофи и економските шокови, покажува новиот извештај на Светската банка.
Извештајот укажува дека овие земји денес, во просек, се посиромашни отколку пред пандемијата Ковид-19, иако остатокот од светот во голема мера се опорави.
Објавен една недела пред годишните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, извештајот ја нагласува сериозната пречка за напорите за искоренување на екстремната сиромаштија и ги истакнува напорите на Светската банка да собере 100 милијарди долари оваа година за да го надополни својот фонд за финансирање на најсиромашните земји – Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).
Најслабите економии, со годишен приход по глава на жител под 1.145 долари, сè повеќе се потпираат на грантови и заеми од ИДА со речиси нула каматни стапки, откако финансирањето базирано на пазарот речиси престанало, информира Светската банка. Нивниот просечен сооднос меѓу долгот и БДП од 72% е на највисоко ниво во последните 18 години, а половина од овие земји се или во должнички проблеми или се изложени на висок ризик да станат такви.
Повеќето од земјите опфатени во студијата се наоѓаат во субсахарска Африка, од Етиопија до Чад и Конго, но на листата се вклучени и Авганистан и Јемен.
Две третини од 26-те најсиромашни земји се во вооружен конфликт или имаат потешкотии да го одржуваат редот поради институционалната и социјалната кревкост што ги попречува странските инвестиции и речиси го блокира извозот, се наведува во извештајот.
Асоцијацијата за меѓународен развој се надополнува на секои три години со придонеси од земјите членки на Светската банка. Во 2021 година беа собрани рекордни 93 милијарди долари, а претседателот на Светската банка, Ајај Банга, има за цел оваа сума да ја надмине 100 милијарди долари.
Природните катастрофи предизвикаа хаос во овие земји во последната деценија. Од 2011 до 2023 година, природните катастрофи предизвикуваа просечни годишни загуби од 2% од БДП – пет пати повеќе од просекот за земјите со пониски средни приходи, што укажува на потребата од значително поголеми инвестиции, се наведува во извештајот.
Во извештајот се препорачува земјите со значителна сива економија да преземат мерки за реформирање. Тоа вклучува подобрување на наплатата на даноци преку поедноставување на регистрацијата на даночните обврзници и даночната администрација, како и зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка.