Светска премиера на филмот „Убиј ги прво децата“ на 30. Сараевски филмски фестивал

Долгометражниот игран филм „Убиј ги прво децата“, по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец, е во официјалната програма „Open Air“ на 30. Сараевски филмски фестивал. Светската премиера на филмот ќе се одржи во амфитеатарот „Open Air“ на 19 август, со почеток во 21:45 часот.

Се работи за комична приказна за тинејџерка-балерина, нејзиното лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео, објаснуваат од „Трис филмс“.

„’Убиј ги прво децата’ е дебитантски игран филм на Оровчанец, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а во продукција на ‘Трис филмс’ и ‘ДМФ филмс’. Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во другите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажер е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев-Новоградска. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев“, велат од „Трис филмс“.

Филмскиот фестивал во Сараево е од „А“ класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион, посочуваат од продукцијата и додаваат дека годинешните лауреати на фестивалот се актерката Мег Рајан, оскаровецот, режисер, сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.

- Реклама -