Според резултатите на интернационалното истражување на WIN/Gallup за 2016-та година, а објавени во 2017-та, 62% од луѓето на планетата (62% од испитаниците, да бидеме попрецизни) се декларираат како религиозни. Студијата е спроведена во 68 земји.
Од друга страна, многумина имаат религиозни верувања без притоа да се самодефинираат како религиозни. Меѓу нив:
• 74% веруваат во постоење на душата
• 54% веруваат дека постои живот после смртта
• 56% веруваат во рај
• 49% веруваат во пекол
Прашањето гласело:
„…Независно од тоа дали посетувате место за богопочитување, дали би рекле дека сте:
• религиозна личност
• нерелигиозна личност
• убеден атеист
• не знаете/немате одговор“
Важно е што е формирано така, и од очигледни причини, но и поради постоење на навидум збунувачки примери, како тој на Норвешка, каде стапката на посетеност на црквите е висока, но паралелно и стапката на „убедени“ атеисти.
Мапава го прикажува токму тој аспект, стапката на „убедени атеисти“. Колку е потемна бојата, толку повеќе веруваат дека не постои бог. Во Македонија, на пример, има 1% такви.
Кина има најмногу „убедени атеисти“, што се гледа и од мапата, дури 67 проценти од испитаниците. Зад неа се Хонгконг со 30% и Јапонија со 29%.
Најрелигиозни земји се Тајланд (98%) и Нигерија (97%). Најмалку религиозна, по процентот на определени како „нерелигиозни“, е повторно Кина, со 23 проценти од испитаниците.
Ова е мапата на „нерелигиозните“:
Агностицизмот, ако судиме по ова, е исто така застапен во Кина, а и во Јапонија – со 26% кои одговориле „не знам“. Интересно е што во Фиџи, Тајланд и Азербејџан има 0% агностици.
Колку е религиозна Македонија?
Иако ги немаме мапите, ги имаме бројките. Како што рековме, 1% се убедени агностици. 84% се декларираат како религиозни. 10% се декларираат како нерелигиозни. 5% одговориле со „не знам“.
Што се однесува до конкретните религиозните верувања, 88% сметаат дека постои бог, 50% веруваат во живот по смртта, 82% веруваат дека луѓето имаат душа, 53% веруваат во пекол, а 54% веруваат во рај.