Веројатно, инженерите кои создадоа 4.3 милијарди Internet Protocol (IP) адреси во 1981-та сметаа дека до моментот кога секоја од нив ќе има свој корисник, човештвото ќе патува со летечки автомобили. Но вистината е дека таква технологија ќе почекаме уште малку, ама за IP адресите ќе мораме да најдеме замена. Тоа е затоа што бројот на слободните адреси е екстремно мал.
Од Американскиот регистар за интернет броеви, групата која дели нумерички кодови, велат дека има преостанато само уште 3.4 милиони Ipv4 адреси, а предвидувањата се дека последната ќе биде доделена многу наскоро, најдоцна до летово.
Големите компании како Амазон и Мајкрософт складираат колку можат, додека други, како Фејсбук, одлучија да ризикуваат и едноставно да се префрлат на новиот Ipv6 систем.
Можеби звучи апокалиптично, ама не е крај на интернетот, особено што нешто слично веќе се случи. Имено, Азија уште во 2011-та остана без своите „залихи“ на Ipv4 адреси, а следната година – и Европа.
Од друга страна, новиот Ipv6 систем може да поддржи неверојатни 340 ундецилиони (се пишува со 36 нули) адреси. Главната пречка за преод кон новата технологија е цената, бидејќи е заснован на современа технологија.