Светот ќе беше подобро место ако сите носевме чевли-гулаби

Јапонската „дизајнерка“ Кјото Охата направи штикли во форма на гулаби. Таман сакавме да ја испцуеме, како и најголем дел од јавноста, но излезе дека Охата има баш обратна намера од тоа што претпоставивме.

Не е дека „кој ги шиша гулабите, ај да ги носиме како чевли“, туку нешто многу повеќе во стилот на Махавира (познат и како Вардамана) – еден од најзначајните учители во индиското учење Џајнизам – кој сметал дека сите живи суштества се подеднакво важни и имаат подеднакво право на достоинство. Затоа носел ѕвонци околу глуждовите и превез преку устата – за да не нагази (ѕвонците ги плашеле) или да не голтне некој инсект случајно.

Охата е само обична љубителка на птици со слична намера. Вели дека често поминува низ области со многу гулаби, а тие од страв бегаат. За да не ги плаши, одлучила своето човечко присуство да го замаскира со чевли кои изгледаат како гулаби. Во меѓувреме, нема никаква трага што би навестила дека планира да ги продава…

https://youtu.be/H7b116ndr74

Успешноста на ваквите чевли во неплашење на гулабите е во најмала рака спорна. Дури и да „работат“, ефектот од минус еден минувач помеѓу стотици други што ги плашат – е потполно занемарителен и смешен. А сепак… Можете ли да замислите свет во кој сите би размислувале за нештата и другите луѓе и живи суштества како Кјото Охата за гулабите? Ни ние, ама сигурно ќе беше подобар.

- Реклама -