Свечено доделување на наградите 13 Ноември во Скопје

Свечено доделени наградите 13 Ноември за придонес во развојот, севкупниот напредок и афирмација на градот Скопје, по повод одбележување на 80. годишнината од денот на ослободувањето на Скопје, за што беше организирана целодневна пригодна програма.

Од областа на науката добитник на наградата 13 ноември е проф.д-р Драги Митревски за посебен придонес во истражувачката научна и едукативна дејност поврзанa со Скопје, како и со меѓународна афирмација и популаризација на културното и историско наследство на Скопје.

Од областа на науката Ана Мартиноска и Жарко Иванов за научната книга „Тажачките песни од скопскиот земјотрес во 1963 година (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ која претставува особено значајно остварување во областа на науката и книжевноста со обемна архивско документаристичка вредност врзана за Скопје и скопскиот земјотрес како еден од клучните мигови од културната меморија на градот.

Од областа на публицистиката Реџеп Златку, за долгогодишни остварувања и севкупен значаен придонес во областа на публицистиката, новинарството и литературата во градот, Македонија и пошироко.

Од областа на образованието и воспитанието Светлана Јосифоска за континуирани долгогодишни постигнувања во наставните и воннаставните активности и афирмација на градот.

Од областа на културата Toшо Филиповски 
за повеќе од триесетгодишна творечка и континуирана работна целина која ја покажува еволуцијата на македонската рок музика, како и на македонската култура.

Од областа на уметноста проф. Симон Шемов за повеќегодишни континуирани достигнувања и придонеси во развојот и промовирањето на ликовната уметност

Од областа на здравствената заштита проф.д-р Никола Јанкуловски за долгогодишен придонес во унапредувањето на здравствената заштита, особено во хирургијата каде со воведувањето на иновации во техниките се остваруваат значајни напредоци и со својата посветеност придонесува во унапредувањето на клиничките и во академските практики.
                                        
Од областа на социјалната заштита Универзитет „Св. Кирил и Методиј” Стоматолошки факултет Скопје за посебен придонес во заштитата и унапредувањето на денталната медицина, особено во доменот на бесплатни стоматолошки услуги за децата од социјално-ранливи категории. 

Од областа на техничката култура проф. Даме Димитровски-ментор на тим и Димитар Алжуровски-тим лидер,студент за историско достигнување на тим од млади студенти кои самостојно проектираа, дизајнираа, конструираа и изработија сопствен тркачки автомобил во стилот на Формула 1. 

Меѓународно признание Кинга Нетман Мултановска за книгата „Варшава го исцртува Скопје“ што остава длабока трага во документаристиката за Скопје и дава посебен придонес за развојот на градот и неговиот севкупен напредок и афирмација во светот.

- Реклама -