Stone Brewing моментално е деветтиот најголем производител на пива во САД, но тоа може да се промени. Ако се промени во негативен правец, најзаслужна ќе биде храброста на компанијата не само да го произведе првото пиво базирано на вода од веце шолја, туку и да се фали со тој факт на цел глас.
Ама по сé изгледа, самодовербата на Stone Brewing е оправдана. На неодамнешната свечена дегустација на новото пиво, гостите, меѓу кои и градоначалникот на Сан Диего, биле воодушевени и пријатно изненадени од аромата, наведува американскиот 10news.
„Ова е веројатно меѓу најдобрите три пива од овој вид (pale ale) кои некогаш сум ги направил“, изјави гордиот креатор и менаџер за иновации на компанијата – Стив Гонзалес.
Пивото соодветно е наречено Full Circle („Затворен/целосен круг“), алудирајќи дека го пиеш, па го мочаш, па го пиеш… Вкусот носи шмек на овошје и карамела.
За градоначалникот Кевин Фалконер оваа свеченост беше од уште поголемо уживање, зашто на испит всушност беше градскиот систем за пречистување на водата, кој во иднина би требало да обезбеди една третина од вкупната вода за пиење во Сан Диего. Да, со рециклажа на канализациската.
На здравје нека им е.