Свечена владина седница по повод 23 години од потпишувањето на Рамковниот договор, ДУИ и „Вреди“ со засебни прослави

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година

По повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Владата утре ќе одржи свечена седница со почеток од 13 часот. Од владината прес-служба најавуваат дека на седницата ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.

Настанот ќе се пренесува во живо на фејсбук и на јутјуб-каналот на Владата.

Покрај владината свеченост, стигна официјална покана и од Министерството на животна средина во која како организатор е наведен вицепремиерот Изет Меџити. Прославата на Меџити ќе започне со панел-дискусија во Клубот на пратеници во 10 часот, а ќе продолжи вечерта во Музејот на современата уметност.

Меџити, од службениот мејл на ресорното министерство до медиумите лиферуваше покана за свечен прием од 19 часот во Музејот на современата уметност. Во агендата за овој прием, предвидено е исклучиво негово обраќање, како и коктел.

Од ДУИ, пак, ценат дека централното одбележување на потпишувањето на Охридскиот договор е нивниот настан, кој за утре во 12:00 часот го организираат во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

За нив е скандалозно што Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, иако тој самиот ниту го признава ниту го почитува.

„Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните“,

се вели во реакцијата на интегративците.

Според Коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, ДУИ го користи Охридскиот рамковен договор како штит за своите поранешни корумпирани функционери.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери.

Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

- Реклама -