„Состојбата на сите економски оператори кои директо и индиректно, согласно природата на својата дејност, се поврзани со угостителските објекти – како музички групи, фотографи, компании кои вршат декорација, цвеќарници, златарници, ателјеа за изработка на костуми и венчаници – е крајно тешка и неизвесна“. Доколку Комисијата за заразни болести и Владата не донесат препораки за отворање на овие дејности, овие работници ќе го искористат своето право на протест, порача потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори- Мартин Ангеловски, образложувајќи дека концертите, отворените гранични премини и други дејности кои веќе добија зелено светло, носат далеку поголем ризик од ширење на Ковид-19.
Ова демократско право веќе го искористија угостителите, музичарите, фотографите, цвеќарите, понудувачите на кетеринг услуги, слаткарите, златарите итн. од Битола, кои под неформалното здружение „Свадбарски работници“ се собраа на мирен протест на Широк Сокак и исто така побараа Владата да ја укине забраната за семејни веселби и свадби, со изготвување протоколи, пренесува „САКАМДАКАЖАМ.мк“.
Освен аргументот со концертите, тие тврдат и дека условите, хигиената и вентилацијата во рестораните се далеку над, на пример, оние во викендиците, каде додека трае забраната сепак се организираат свадби и веселби. Според Благој Мустриковски од здружението, свадбите не се голем ризик и бидејќи тие што присуствуваат обично и онака се од исто семејство или се блиски и секојдневно се дружат.
Како што пренесува „САКАМДАКАЖАМ“, на протестот бил истакнат и уште еден важен аргумент – дека „со неодржување на свадбите ќе се намали наталитетот и уште повеќе ќе се прошири белата чума“…
Според проценките на „Свадбарски работници“, во земјава има над 20.000 музичари, а многу од нив живеат само од свадби и веселби. Исто така според нивните проценки, годишно се прават 15.000 свадби, од кои најголемиот број во текот на летото.