Легендарниот германски Ф1 возач, Михаел Шумахер, донесе одлука дефинитивно да се повлече од настапите во Формула 1 шампионатот по оваа сезона.
Тоа стана јасно уште пред десетина дена, откако челниците на Мерцедес ГП потпишаа договор со Луис Хамилтон, а Шумахер нема намера да вози за други тимови. Најтрофејниот возач во историјата на Формула 1 реши да се врати во пензија и покрај тоа што доби понуди од неколку други тимови за да ја продолжи натпреварувачката одисеја.
Шумахер се пензионираше и во 2006 година, но четири години подоцна реши да му се врати на овој спорт и потпиша договор со Мерцедес ГП.
„Размислував долго и не сум сигурен дека сѐ уште имам мотивација и енергија за да продолжам да возам во Формула 1. Мислам дека најдобро за сите е доколку се вратам во пензија и го отстапам своето место на помладите возачи“, изјави Шумахер на прес-конференцијата на која по вторпат објави дека ќе се пензионира.
Тој во извонредната кариера во Ф1 триумфираше на 91 трка, а сѐ уште постоијат дилеми дали ќе остане во „летечкиот циркус“, како член на Мерцедес ГП, но со директорска функција.