Судот во Будимпешта одби екстрадиција: Груевски донесен со лисици, си заминал со насмевка (ВИДЕО)

Утрово експремиерот во азил/бегство – Никола Груевски, со лисици бил донесен во судот во Будимпешта, на сослушување по однос на неговата екстрадиција која неодамна земјава ја побара од Унгарија.

Како што пренесуваат унгарските медиуми, Груевски дошол во судот со бејзбол капче и очила за сонце, а преку рацете имал префрлено палто, за да ги сокрие лисиците. Го придружувале луѓе во цивилка, како при доаѓањето, така и во текот на судењето, за кои подоцна се покажало дека се полицајци.

Одбраната побарала сослушувањето да биде затворено за новинарите, поради опacност од изнесување на „чувствителни информации“. Обвинителот се согласил. Во текот на судењето, комуникацијата се одвивала преку преведувач.

Неколку минути пред 11 часот, Груевски излегол од сослушувањето и бил испратен со придружба низ ходникот. Овојпат немал лисици, туку задоволна насмевка додека ги игнорирал прашањата на новинарите.

Според последните информации во унгарските медиуми, судот ја објавил и одлуката: Екстрадицијата на Груевски е одбиена, со образложение дека условите од екстрадицијата не биле исполнети. Притоа, државата Унгарија ќе ги сноси трошоците за сослушувањето на Груевски во судот.

 

- Реклама -