Судот донесе одлука за пензионерот што сака законски да стане 20 години помлад

Минатиот месец пишувавме за Холанѓанецот Емиле Рателбанд, кој поднесе барање до судот во Арнхем за легално да му овозможи да стане 20 години помлад, поместувајќи му ја датата на раѓање 20 години подоцна.

Рателбанд одеше на аргументот дека се работи за слободна волја, дека се чувствува дискриминиран поради возраста и дека кога би бил 20 години помлад тоа би му отворило многу перспективи. Себеси се спореди со луѓето кои се идентификуваат како трансродови лица, истакнувајќи дека кога веќе е можно човек да си го смени името и полот, зошто да не и возраста? Рателбанд беше спремен да се откаже дури и од пензијата.

Меѓутоа, судот сепак го одби неговото барање. Во писмената одлука, судот наведе дека на Рателбанд, според холандскиот закон, му се доделени права и должности врз основа на староста – како правото на глас и должноста да оди на училиште. Кога неговото барање би било уважено, правата и обврските на основа на старосната возраст би станале бесмислени, се наведува во одлуката, пренесува The Guardian.

На пресот за јавноста, судот соопшти вака:

„Г-ин Рателбанд е слободен да се чувствува 20 години помлад од неговата реална возраст и да се однесуваа соодветно на тоа. Но барањето да се промени неговата дата на раѓање ќе предизвика 20 години податоци да исчезнат од регистрите на раѓања, смрт, бракови и регистрираните партнерства. Тоа би предизвикало низа непосакувани легални и општествени импликации.

Судот вели дека забележува „тренд во општеството според кој се продолжува возраста до која луѓето се чувствуваат фит и здрави, но не смета дека тоа е валиден аргумент за менување на датумот на раѓање“.

Рателбанд, меѓутоа, не е воопшто разочаран од одбивањето на судот. Тој најавува жалба, и тоа со многу ентузијазам:

„Ова е супер! Одбивањето на судот е одлично… бидејќи ми дадоа еден куп аспекти кои ќе можам да ги поврзам при обжалување на одлуката“, вели Холанѓанецот, кој себеси се претставува како првиот од илјадниците луѓе кои (ќе) сакаат да ја сменат својата вистинска возраст.

- Реклама -