Живеејќи околу два месеца на сантата мраз што всушност е мал остров наречен Ууманак (Uummannaq), на Гренланд, француската фотографка Камил Мишел често го слушала зборот „дух“. Овде, на овој отсечен остров каде што живеат само 1282 луѓе, теренот е прогонуван од стари приказни за духови, ама и од модерни демони. Како што модерниот живот на надворешниот свет полека се спушта над митскиот пејзаж на Ууманак, загадувањето се зголемува. Мразот се топи, а децата и мајките го напуштаат домот и одат да живеат во градот. Фото-серијалот на Мишел – „The Last Men“ („Последните мажи“), е тестамент посветен на тоа што останува.
Ууманак го добил името според планината во форма на срце што се издига над малите куќи, во кои живеат пред сé ловци и рибари. Со векови, луѓето и кучињата на Ууманак живеат заедно, напорно работејќи среде студот, обидувајќи се да преживеат во суровата земја. Студот пак, е прошаран со фолклор и ритуали кои се предаваат од генерација на генерација.
„Оваа животна средина е совршена за чудни приказни“, вели Мишел, која ги поминуваше деновите со локалните и возејќи се на санки, а ноќите во мала куќа што ѝ беше позајмена од нејзин пријател. Постоела бариера во комуникацијата, но луѓето од Ууманак и покрај сé се љубезни и пријателски настроени, па ги споделувале своите мисли на лош англиски, дански и со мимики. Меѓу другото, Мишел се изнаслушала приказни и за Кивитоките – легендарните „хермит воини“ кои поседуваат натприродна брзина.
И покрај сиот поетски шарм на овие луѓе и нивната историја, очигледно е дека на островот се случуваат промени. Модерноста на Данска и околните области им се наметнува на луѓето од Ууманак, а новите технологии и удобности полека го пробиваат патот до бреговите на островот.
Островот, пак, во обидот да фати чекор, се соочува со примитивни решенија за сосема нови проблеми. На пример, нема каде да се стави отпадот, па луѓето го палат. Со тоа уште повеќе придонесуваат во загадувањето кое го создаваат новоувезените автомобили. Рибите и цицачите, од друга страна, мигрираат во помалку опасни, но исто така загадени води. Младите луѓе бираат градски живот далеку од островот, а кучињата се константно вознемирени бидејќи го чувствуваат истенчувањето на мразот под нивните нозе.
Сепак, Мишел смета дека има надеж. „Луѓето почнуваат да сфаќаат“.