Судењето за „Рекет 2“ одложено за по изборите поради барање на Ременски за изземање на Русковска

Бурен почеток и веднаш одложување за после изборите на судењето за предметот познат како „Рекет 2“ против невладината организација на Бојан Јовановски – „Меѓународен сојуз“, во кој покрај него, обвинети се и неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на организацијата – Јасна Мандиќ, почесната претседателка – пратеничката Фросина Ременски, како и асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска.

Предметот го водат истите судијки што го водеа и „Рекет“, со тоа што сега Софче Гаврилова-Ефремова е на чело на судечкиот совет, а судијката Николовска-Масевска втор судија.

 

Правната разрешница денеска започна со барање од третообвинетата – пратеничката Фросина Ременски, до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, упатено пред почетокот на судењето, за изземање на обвинителката Вилма Русковска од случајот.

Како што изјави Ременски, барањето е поднесено поради основани сомневања и докази за селективност во постапувањето во сите фази од процесот, поради кршење на процесните права на одбраната во однос на неа и попречување на правдата, но и поради изјави за изнудување на искази, признание против други обвинети и издадени наредби за, според неа, незаконски претреси во нејзиниот дом од страна на Русковска.

Во Кривичниот суд во Скопје, Боки 13 се приклучи кон барањето на Ременски за изземање на Русковска. Во тензична атмосфера и со надвикување, Боки се пожали дека е „жртва на гол политички систем“ и ја критикуваше Русковска:

„Рускоска го застапуваше предметот ‘Рекет’ тенденциозно и селективно, а со нејзина согласност судот донесе одлука Кичеец да биде пуштен на слобода. Тој е пуштен бидејќи идат избори и заедно со Рускоска треба да местат избори“, рече тој.

Пред започнувањето на судењето, Боки им се обрати на новинарите со порака дека џабе сликаат зашто било исценирано судењето да се одложи. Тоа го образложи со моменталното отсуство на втората судијка.

На крајот, исходот е дека судењето навистина се одложи, но поради барањето на Ременски за изземање на Русковска доставено преку нејзиниот адвокат Владимир Донески до Јавното обвинителство на РСМ, поради пристрасноста на обвинителката. Ќе продолжи на 21 јули 2020 година.

Русковска, прашана да го коментира барањето, рече дека само накратко го видела, но увидела дека апсолутно не е издржано и нема основа за нејзино изземање. Сепак, рече, одлуката ќе ја остави на Јавниот обвинител на Република Македонија.

„Можам да изјавам дека за цела моја кариера никогаш пристрасно не сум се однесувала према ниту еден предмет, а сум сработила можеби повеќе од околу илјада и нема никогаш да си дозволам емоции или било што друго да ме води при постапување на предмет“, изјави обвинителката.

- Реклама -