Стварно ли рускиот дипломат бил закана? Сите земји што протераа руски дипломати зашто биле шпиуни

Ова е најголемото колективно протерување на руски дипломати во светската историја, ама истовремено и најголемото протерување на наводни руски разузнавачки офицери, вели британската премиерка Тереза Меј.

Кога осамна веста дека и Македонија ќе протера руски дипломат, наведено беше само дека одлуката е донесена во „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“ и „заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“. И во моментов така стои на сајтот на МНР.

Случајно или не, информациите дека дипломатот ги пречекорувал амбасадорските овластувања стигнаа дури по острите реакции на таквата одлука. За обичниот граѓанин, тоа значеше и дека рускиот дипломат сепак можеби е заслужено избркан.

Меѓутоа, ако мислевте дека ова во Македонија е изолиран случај – како причина за бркање на рускиот дипломат да се наведе и дека ги пречекорувал овластувањата и бил закана по безбедноста, ептен се лажете.

CNN си води листа на сите земји кои протераа руски дипломати, заедно со кратко наведени причини за таквата одлука. Со оглед дека ставот на земјите ЕУ го знаевме и знаеме (доволно е да се солидарни со Британија), да ги видиме неевропските.

АЛБАНИЈА

Албанското МНР објави дека ќе избрка двајца руски дипломати. Ги прогласи за персона нон грата, и соопшти дека активностите на дипломатите „не соодветствувале со нивниот дипломатски статус“.

АВСТРАЛИЈА: 

Владата соопшти дека ќе избрка двајца руски дипломати „поради делување несоодветно на нивниот статус, согласно со Виенската конвенција“. Дипломатите добија 7 дена да ја напуштат земјата.

КАНАДА:

Отава соопшти дека ќе протера 4 руски дипломати, обвинети дека се разузнавачки офицери „или лица кои го искористиле својот дипломатски статус за поткопување  на канадската безбедност и мешање во канадската демократија“. Дополнително одбија и 3 нови апликации од Москва за дополнителен дипломатски персонал. „Нападот со нервен гас претставува јасна закана врз правилата базирани на меѓународниот ред и правилата воспоставени од меѓународната заедница за да се осигура дека хемиско оружје веќе никогаш нема да уништи човечки животи“, рече министерката за надворешни работи.

МАКЕДОНИЈА: (колку да ја наведеме во листата, подробностите веќе ги знаете)

МОЛДАВИЈА:  

Молдавското МНР изјави (за CNN) дека ќе протера тројца руски дипломати и дека имаат рок од 7 дена да ја напуштат земјата.

ЦРНА ГОРА: 

Ќе протера еден руски дипломат.

НОРВЕШКА:

Норвешкото МНР соопшти дека ќе протера еден руски дипломат како одговор на нападот. „Користењето на нервен гас во Салисбури е многу сериозна работа“, изјави министерот. „Таков инцидент мора да има последици“.

УКРАИНА:

Претседателот Потрошенко соопшти дека Украина (која со години трпи непријателство од Русија, вклучително и анексирањето на Крим) ќе избрка 13 дипломати. „Русија уште еднаш го потврди нивниот срамен став кон сувереноста на независните држави и вредноста на човечкиот живот“.

САД: 

Белата Куќа соопшти дека ќе протера 60 руски дипломати идентификувани како разузнавачки агенти, а најави и затворање на Рускиот конзулат во Сиетл. Од тие 60, 48 од наводните агенти работеле во Руската амбасада во Вашингтон, а 12 биле пратени во ОН во Њујорк.

Од европските земји,

Франција соопшти дека ќе протера четири руски дипломати, како во знак на солидарност, така и затоа што „нападот претставува сериозна закана по нашата колективна безбедност“.

Унгарија соопшти дека ќе протера 1 дипломат „поради тоа што било дискутирано во Европскиот совет“, но и затоа што тој дипломат „спроведувал разузнавачки активности“.

Литванија соопшти дека ќе протера 3 дипломати во солидарност со Британија, но и дека ќе санкционира дополнителни 21 лице и ќе им забрани влез на 23 други.

Полска соопшти дека ќе избрка 4 дипломати и образложи дека нападот покажувал „како слична непосредна закана по територијата на граѓаните на ЕУ и НАТО членките може да се случи било каде“.

Шпанија соопшти дека ќе протера двајца дипломати. „Од самиот почеток го сметавме нападот со нервен гас за сериозен развој на настаните кој претставува значителна закана за нашата колективна безбедност и меѓународното право“, соопшти министерството на Твитер.

Поентата веќе ја наѕирате, а тоа е дека Македонија е далеку од единствената што освен солидарност со Британија и партнерите, рускиот дипломат го протерала и поради закана по безбедноста. Оттаму, интересното е како сите овие земји баш сега одеднаш открија дека руските дипломати се агенти, разузнавачи и шпиуни.

Тоа значи: 1) или дека руските дипломати мателе нешто ептен големо на светско ниво и биле фатени со „симнати гаќи“, или 2) дека едноставно се работи за игра на зборови и колективен договор за прекинување на дипломатските односи со Русија. Ако е ова второво, тоа значи дека Македонија сепак го протера рускиот дипломат поради солидарност (некои би рекле и целосна послушност) со „партнерите“, а не поради некаква реална закана по безбедноста. Оставаме на вас да цените кое е поверојатното сценарио.

CNN

 

- Реклама -