По вчерашните остри реакции за некултурата на дел од станарите на „Пелагонија“ и дивата депонија во атарот на студентскиот дом, од ЈП „Комунална хигиена“, иако не е нивна надлежност, за денес најавија акција на чистење, меѓу другото и за да спречат евентуални зарази.
Меѓутоа, некој ги претрка. Денес сликата во дворот е сосема поинаква.
Судејќи по вчерашната изјава на директорот на студенскиот дом – Бујар Муртезани, тоа го сториле вработените во домот.
„Ние секој ден интервенерираме. Утрово чистат вработени. Ова се случи за викенд, тогаш фрлаат повеќе кога нема администрација. Разговараме со студентите многу и со управниот одбор одлучивме да ставиме камери и да има строги казни. Одиме со разбирање но не разбираат“, вели Муртезани.
Во студентскиот дом се сместени околу 1000 студенти од кои само половина од нив плаќаат месечно по 3600 денари. За останатите финансира државата.
„Социјални случаи се, без пари ним државата им покрива трошоци. Ако ги избркаме нема кај да одат. Но културата е наша тоа е“, изјави директорот.
Според него, дневно вработените чистат и фрлаат од 10 до 20, а за викенд и до 40 вреќи отпад.
„По викенд, дворот е хаос, депонија. Не знаеме што ќе начекаме кога ќе дојдеме на работа во понеделник. Се прават седенки, забави и од прозорците се фрла сè. Не знам што да кажам, но ова на ништо не личи, академски граѓани се, каква порака праќаат до јавноста со вакво однесување“, вели еден од хигиеничарите што чистеше во паркот зад „Пелагонија“, пренесе „Макфакс“.
„Чинии и виљушки фрлаат одозгора. Ќе удрат некого по глава. Канти имаат на секој ќош. И во собите, и во ходниците и во мензите. Срамота е тоа што го прават“, вели друг вработен.
И граѓаните се жалат дека е опасно да се поминува покрај објектот. Честопати биле сведоци дека низ прозорите летаат тегли и шишиња.
Вработените во домот го слушнаа нашиот глас.
Фали тој глас да го слушнат и студентите. Дури тогаш ќе можеме да кажеме дека ќе не биде! pic.twitter.com/RzQGOwOnie— Дарко од Дојран (@darko_od_dojran) February 11, 2019