Студентите од УКИМ со ултиматум до Арсовска – доколку утре нема решение за јавниот превоз, в петок излегуваме на протест

Покрај воспоставување ред во јавниот градски превоз, дополнително од Универзитетското студентско собрание при УКИМ бараат нови и ефикасни транспортни решенија и, како што велат, конечно отпочнување на предвидените инфрастуктурни проекти најавени од Арсовска за време на предизборната кампања во 2021 година, но и од страна на нејзините претходници

Додека скопјани остануваат во неизвесност дали и како ќе функционира градскиот јавен превоз, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј им испрати ултиматум на ЈСП „Скопје“ и на скопската градоначалничка, Данела Арсовска до крајот на утрешниот ден да ги вратат во нормала автобуските линии, инаку во спротивно ќе излезат на протестот најавен за в петок. 

Известувањето на Универзитетското студентско собрание при УКИМ / Извор: Фејсбук-профил на Универзитетското студентско собрание при УКИМ

Ултиматумот на студентите доаѓа откако денеска синдикатите при ЈСП „Скопје“ соопштија дека јавниот градски превоз во главниот град ќе се одвива со драстично редуциран број на автобуси, поради недостиг на гориво. 

И до доцна вечерва надлежните не излегоа со информација дали и во колкав број утре ќе сообраќаат автобусите на ЈСП и дали се преземаат мерки за надминување на хаосот со градскиот превоз.  

„Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и градоначалникот на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска до крајот на утрешниот ден 21.11.2024 година да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард.  

Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитмно тело кое претставува 28 000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје , Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест во петок 22.11.2024 година со цел изразување на огромното незадоволство од менаџирањето на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“,

се вели во ултиматумот од ова студентско тело.  

Покрај воспоставување ред во јавниот градски превоз, дополнително од Универзитетското студентско собрание при УКИМ бараат нови и ефикасни транспортни решенија и, како што велат, конечно отпочнување на предвидените инфрастуктурни проекти најавени од Арсовска за време на предизборната кампања во 2021 година, но и од страна на нејзините претходници. 

Реализација на проектот Bus Rapid Transit, воведување градска железница, набавка на нови автобуси и отворање на нови автобуски линии, надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови транспрот, се дел од барањата на студентите,  

„Доколку не можете да ги исполните ветувањата дадени во програмата, но и силните барања на граѓаните на вашиот град, оставката секогаш е отворена опција“,  

велат од Универзитетското студентско собрание.

 

Од синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, во изјави за медиумите информираа дека од денеска попладне во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.   

„Нафтата вообичаено ни ја доставува ‘Пуцко петрол’ во базите на ЈСП ‘Скопје’, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“,

изјави претседателот на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“, Африм Муча, кој вели дека состојбата е многу сериозна бидејќи 70 отсто од автобусите се паркирани.   

Град Скопје, пак, се огласи со писмено соопштение во кое одговорноста за кризата ја префрла на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „станува збор за смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“.    

„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио“,

се вели во соопштението на Град Скопје. 

Вчера градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите в петок (22 ноември) да излезат на протест затоа што немаат редовни автобуски линии. 

Денеска попладне лидерот на Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, преку социјалните мрежи соопшти дека побарал од советничката група на партијата да иницира итна седница на Советот на Град Скопје за кризата со јавните услуги со кои се соочува главниот град. 

Во објавата на Фејсбук, тој најави дека доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, СДСМ ќе го преиспита своето учество во Советот на Град Скопје.     

- Реклама -