И студентите ќе се возат бесплатно во ЈСП…само во четврток

Од следниот четврток  и студентите ќе можат бесплатно да се возат во градските автобуси на ЈСП и на жичарницата на Водно. Имено, советниците на Град Скопје ја усвоија предлог-одлуката за студентите да добијат  поволности во градскиот превоз. Бесплатниот превоз за студентите ќе важи во текот на целата година секој четврток, со оглед на тоа што испитните сесии се организираат и во летниот период, пишува Вечер.

Истовремено, со носењето на одлуката Град Скопје го задолжи Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да поднесе барање до Советот за надоместување на трошоците за бесплатното возење на студентите. Според информациите на ЈСП, трошокот од воведувањето на поволноста за студентите ќе ја чини фирмата 10 милиони денари, пари што како субвенција ќе ги добие од Градот.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

– Според Законот за јавни претпријатија, утврдено е Советот на Град Скопје, како основач, да дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и ги врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело, се вели во образложението на предлог-одлуката за студентите на Град Скопје.

За реализирање на овие поволности ЈСП добива субвенции од Град Скопје. Заедно со трошокот за студентите Градот се очекува на јавното претпријатие да му префрли 160 милиони денари.

- Реклама -